Трговски дефицит од 173.930.885 илјади денари или 2,82 милијарди евра е салдото од извозно-увозните активности реализирани минатата година. Од јануари – декември 2023 година покриеноста на увозот со извоз е 74,7 проценти.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – декември 2023 изнесува 512.368.615 илјади денари и бележи пораст од 0,2% во однос на истиот период од 2022 година. Вредноста на увезената стока е 686.299.500 илјади денари, што е за 8,1% помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.
Во текот на минатата година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, државата најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија изнесува 8.322.815 илјади евра и бележи пораст од 0,3% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, е 11.148.538 илјади евра, што е помалку за 8,1%. Трговскиот дефицит изнесува 2.825.723 илјади евра.
Вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 8.996.952 илјади САД долари и бележи пораст од 3,1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока е 12.053.456 илјади САД долари, што е за 5,5% помалку во однос на споредбениот период. Трговскиот дефицит е во износ од 3.056.504 илјади САД долари, наведено е во соопштението од Државниот завод за статистика.