
По години застој, паузи и тивки преговори зад затворени врати, Индија и Европската Унија конечно го повлекоа потегот што долго се најавуваше, а ретко кој веруваше дека навистина ќе се случи. Во време на разнишани сојузи, царински војни и растечки геополитички тензии, Њу Делхи и Брисел постигнаа договор за слободна трговија што двете страни го опишуваат како пресвртница, и економска и политичка.
Индискиот премиер Нарендра Моди објави дека договорот со Европската Унија е финализиран, оценувајќи го како „мајка на сите договори“, кој ќе отвори огромни можности за индискиот пазар со 1,4 милијарди жители и за економиите на 27-те земји членки на Унијата. Деталите од договорот се очекува да бидат соопштени на самитот Индија–ЕУ во Њу Делхи, каде што заедничка изјава треба да дадат Моди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Договорот доаѓа по речиси две децении сложени и често прекинувани преговори, во кои најчувствителни точки беа земјоделството, автомобилската индустрија и нивото на заштита на домашните пазари. И Индија и Европската унија традиционално важат за протекционистички економии, што го правеше компромисот политички тежок и економски скап. Сепак, променетата глобална клима ги турна двете страни кон побрзо приближување.
Во основата на овој договор стои јасна порака – диверзификација и заштита од нестабилноста на односите со Соединетите Американски Држави. Откако администрацијата на Доналд Трамп воведе високи царини за индиската стока и го замрзна трговскиот дијалог со Њу Делхи, Индија интензивно бара нови пазари и партнери. Европската унија, пак, во услови на закани со царини и внатрешни економски притисоци, забрзано склучува договори за да ја зацврсти својата позиција на глобалната сцена.
Трговската размена меѓу Индија и ЕУ веќе достигнува над 136 милијарди долари годишно, што ја прави Унијата најголем трговски партнер на Индија. За Брисел, Индија сè уште е помал, но стратешки важен партнер, со голем потенцијал за раст, особено во секторите како машинска индустрија, хемикалии, транспортна опрема и технологии. За индиската економија, пак, договорот се очекува да донесе силен поттик за текстилната индустрија, производството на кожа и обувки, како и секторот за скапоцени камења и накит.
Пазарот што се создава со овој договор опфаќа речиси две милијарди луѓе – бројка што добива особена тежина во време кога глобалната трговија е сè повеќе фрагментирана. Во последните години, Индија веќе склучи договори за слободна трговија со Велика Британија, Нов Зеланд и Оман, а Европската унија паралелно постигна договори со Меркосур, Индонезија, Мексико и Швајцарија. Оваа серија потези јасно укажува на новата логика на глобалната економија – помалку зависност од еден центар на моќ и повеќе регионални партнерства.
И покрај еуфоријата, експертите предупредуваат дека договорот меѓу Индија и ЕУ нема целосно да ја замени потребата од трговски договор со САД, кои остануваат најголем извозен пазар за Њу Делхи. Индискиот трговски суфицит со САД е речиси двојно поголем од оној со ЕУ, што значи дека Вашингтон и понатаму ќе игра клучна улога во индиската економија.
Формалното потпишување на договорот ќе следи по правната проверка, процес што се очекува да трае неколку месеци, а неговата целосна имплементација би можела да започне во рок од една година. До тогаш, договорот останува силен сигнал дека и покрај растечките поделби, глобалната трговија сè уште се обидува да најде заеднички јазик преку компромиси, интереси и внимателно избалансирани партнерства.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








