Трговците се учесници во трговскиот промет и тие можат да учествуваат на пазарот и да вршат стопанска дејност како:
- Индивидуални трговци – најчесто тоа се физички лица – трговци организирани како трговци поединци (ТП);
- Трговски друштва – здружување на две или повеќе физички или правни лица. Трговските друштва секогаш настапуваат како правни лица.
Трговците може да бидат правни или физички лица кои самостојно трајно вршат одредена дејност како што е:
- купување на подвижни предмети со цел продавање во првобитен облик или нивна преработка и обработка во друг вид;
- тргување на пазарот со хартии од вредност, банкарски и финансиски дејности, менувачки работи и дејности на осигурување;
- шпедиција, превоз на луѓе и стоки, услужни дејности;
- производство на одредени производи;
- издавачки дејности;
- купување, изградба и уредување на недвижности со цел продажба и/или изнајмување.
Според тоа, трговец претставува секое правно или физичко лице кое се занимава со одреден вид стопанска дејност на свој ризик, за своја сметка и во свое име.
Како исклучок од ова правило, за трговци не се сметаат физичките лица кои се занимаваат со земјоделство (земјоделци) и физички лица кои се занимаваат со слободни занимања (уметници, писатели, адвокати, нотари, извршители и слично).