Транспарентноста е влошена кај 44 отсто од институциите. Од министерствата и натаму најтранспарентно е Одбрана, од годинава и за дигитални трансформации, а од општините Кавадарци и Кичево. Најмалку јавни информации има по прашањата на финансиите. Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер. Опфатени се 102 институции – Владата со сите министерства, како и општините.
Оттаму произлегло сознанието дека просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за годинава изнесува 80 отсто од максимално можните 100 проценти. Во споредба со лани, нема прмена.
Наспроти тоа, намалена е активната транспарентност на министерствата и на Владата од ланските 86 на годинешните 84 проценти. А, пак, општините го задржале истото ниво на активна транспарентност од 79 проценти.
„Дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите)“, наведуваат од ГКЦ.
Како позитивни примери се посочуваат Министерството за одбрана, кое петта година по ред е на максималните 100 насто активна транспарентност. Истиот резултатот го има и кај новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Намален е и бројот на општините со стонастотна активна транспарентност. Минатата година првото место го делеле пет општини, а сега оваа позиција ја задржале само две – Кавадарци и Кичево.
Од ЦГК наведуваат дека меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион, со истата активна транспарентност како и лани, од 88 проценти. Последното место, му припаѓа на Полошкиот Регион, кој сега има 71 процент активна транспарентност за разлика од ланските 73 насто).
Индексирањето покажало дека и министерствата и општините најмалку информации објавуваат за финансиите. Кај министерствата се регистриранни 58, а кај општините 59 од можните 100 проценти.
„Огромно уназадување има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.
ГРАЃАНИТЕ ВО 2024 ГОДИНА ВЛОЖУВАЛЕ МНОГУ ПАРИ, но каде ‒ во среќата или во иднината?