Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп постигна договор според кој ќе го продаде својот семеен хотел во Вашингтон за 375 милиони долари, јавува Ројтерс, повикувајќи се на Волстрит журнал.
Инвестициската компанија CGI Merchant Group со седиште во Мајами, наводно, добила договор за закуп.
Меѓународниот хотел „Трамп“ е историска зграда на неколку блока подалеку од Белата куќа и која организацијата на Трамп ја изнајмува од Владата на САД. Хотелот е популарно место за собирање на странски претставници, како и на поддржувачите на Трамп.
Волстрит журнал пишува дека CGI има намера да го отстрани името на Трамп и дека компанијата постигнала договор со ланецот хотели Хилтон Ворлдвајд Холдингс, па просторот ќе го уреди и ребрендира групацијата Валдорф Асторија под покровителство на овој холдинг.
Минатиот месец, Комитетот за реформи и надзор на Претставничкиот дом на САД рече дека новооткриените документи на владата покренале „проблематични“ прашања во врска со хотелот.
Според комитетот, Трамп пријавил приходи од хотели од повеќе од 150 милиони долари за време на неговото претседателствување. Меѓутоа, овој бизнис му однел над 70 милиони долари.
Комитетот откри дека хотелот добил исплати од над 3,7 милиони долари, или околу 7.400 ноќевања, од странски влади, што е потенцијално конфликт на интереси.
Хотелот „Трамп“ е, по споменикот Вашингтон, втората највисока зграда во американската престолнина. Пред да стане хотел, оваа зграда беше седиште на Американската пошта.