Tопло ладно е чувството на инвеститорите оваа година, кога на берзите играат мечката и бикот како ќе им дојде, барем ако се суди по првите четири месеци. Под најголемо влијание на расположението, вокабуларот и мерките на американскиот претседател Доналд Трамп, но и како последица на геополитичките и воени случувања, цените на берзите низ светот одат нагоре надолу и се уште не се знае кој пат ќе го фатат во следниот период. А, како стојат работите во регионот?
После рекордите што ги срушија берзанските индекси во земјите од регионот во 2024 година, во кои македонскиот МБИ10 беше вистински шампион, анализираме што се случува на берзите во Адриа регионот во првите 4 месеци од оваа година.
Изгледа дека инвеститорите не се мирни, ниту рамнодушни затоа што сигналите не се најоптимистички и прашање е дали ќе ја гледаат истата слика од минатата година. Се чини веќе ги коригираат бројките за очекувани приноси и планирани вложувања, само што тешко е да се каже дали тоа ќе резултира со нивно повлекување од берзите или пак ќе ги натера да се отворат уште повеќе заради очекувани заработки подоцна.
Како стојат работите на берзите во Адриа регионот? Во април македонскиот МБИ10 индексот достигна вредност од 10.377,27 индексни поени, а во декември 2024 година неговата максимална вредност беше 10.200,91 поен. Значи во првите четири месеци од годината главниот македонски берзански индекс оствари раст од 1,73%. Во истиот период минатата година МБИ10 имаше раст од дури 19,22%. Дали ова е сигнал дека берзанскиот раст од 2024 година нема да се повтори во 2025 година и дека инвеститорите и акционерите ќе се разочараат или барем нема да се радуваат како во минатата година?
Одиме понатаму. Главниот индекс на Белградската берза Belex15 ги заврши првите 4 месеци од оваа година со пад од -0,39%, за разлика од претходната година кога во истиот период оствари раст од дури 14,42%. Инвеститорите на Белградската берза личи дека се најразочарани, што пак не значи дека овој момент нема да го искористат за нови вложувања.
Загребската берза најдобро се држи во споредба со Македонската и Белградската. Главниот индекс CROBEX во првите 4 месеци бележи раст од 3,26%, што не е многу големо заостанување во однос на резултатот од истиот период претходната година кога овој индекс порасна за 10,75%. За разлика од МБИ10 и Belex15, CROBEX е многу постабилен.
Но, најголем шампион во Адриа регионот е MNSE10, главниот индекс на Црногорската берза, кој во првите 4 месеци годинава порасна за 7,55%. И не само овој раст е причина за шампионското место на црногорскиот берзански индекс, туку и фактот дека во истиот период минатата година MNSE10 бил во негатива од од -6,69%, во услови кога другите берзански индекси рушеа рекорди. Но, ете Црногорската берза е навистина светла точка во регионот, што може да биде интересен момент за инвеститорите кои не се насочени само локално, туку ги гледаат и другите пазари на капитал.
Интересна е и Сараевската берза, каде исто така главниот берзански индекс има нагорен тренд, за разлика од надолниот во периодот јануари-април 2024 година. SASX-10 во април бележи месечен раст од 2,63%, во март од 2,43%, во февруари од 3,89%, а во јануари од 1,87%.
На Црногорската и на Сараевската берза расте и прометот во споредба со првите 4 месеци од 2024 година. Иако во април годинава на берзата во Подгорица имаше годишен пад на прометот од 52,55%, а во февруари од 71%, во март беше остварен раст од 430,22%, а во јануари од 150%. Во Сараево исто така има поголем берзански промет и тоа неколкукратно поголем во однос на првите 4 месеци од 2024 година.
Но, прометот расте и на другите берзи во регионот. На Хрватската за 4 месеци е поголем за 75,8% споредено со истиот период лани. На Македонската берза исто така има поголема раздвиженост во тргувањето. Во април вкупниот берзански промет бележи годишен раст од 12%, во март и февруари има минимално намалување, а во јануари берзанскиот промет е речеси дуплиран споредено со јануари 2024 година.
Редакција Пари