ПОВЕЌЕ

    ТИТУЛАТА ВО ЕВРА ЈА ДРЖИ РАБОТНИЧКИ – 989 илјади евра приходи во 2024 година

    Време зa читање: 5 минути

    Кошарката не е само игра ‒ таа е магија на паркетот ‒ звукот на топката, воздишките од трибините, боите на навивачките групи. Работнички е митот од Градски парк, најстар кошаркарски клуб во Македонија, МЗТ е силата на Аеродромци, Пелистер е битолскиот инает и гордост, додека Чаир и Охрид се новите приказни што внесуваат свежа енергија. Но, ако магијата ја замениме со калкулатор, се отвора сосем друга приказна – финансиската, каде победата се мери во приходи, добивки и стабилност.

    Порталот Пари ги анализираше податоците од Бизнис Мрежа и воочи дека вкупниот приход на кошаркарските клубови во 2024 година изнесува 4,1 милиони евра, што е раст во однос на 2023 година (3,8 милиони). Но, добивката е далеку поскромна ‒ само 109 илјади евра, наспроти речиси 468 илјади евра во 2023 година.

    Бројот на вработени остана стабилен – 34 луѓе го носат товарот на целата лига, со зголемување на просечната месечна плата на 2.784 евра (од 2.295). Ова покажува дека клубовите инвестираат повеќе во стручниот кадар, но профитабилноста значително се намалила.

    Извор: Бизнис Мрежа

    РАБОТНИЧКИ Е ЛИДЕР ПО ПРИХОДИ

    Работнички е симбол на македонската кошарка со историја долга повеќе од половина век и бележи раст од 38 насто, со што стигна до 989,2 илјади евра приход и предводи во табелата за клуб со највисоки приходи. Се чини дека брендот црвено-бели повторно носи комерцијална сила.

    МЗТ Скопје Аеродром е најтрофејниот клуб од последната деценија и изненадува со пад од 3,3 насто ‒ на 859 илјади евра, со што го зазема второто место.

    На трета позиција се наоѓа Пелистер – Битола. Верната битолска публика и локалната поддршка носат раст од 5,3 насто и приход од 723 илјади евра за 2024 година.

    Новиот играч на кошаркарската мапа, Чаир 2030, лани остварил голем раст од 280 насто, скокајќи од 57 илјади на 216 илјади евра.

    Експлозивен раст во приходи лани остварил и градски кошаркарски клуб ОХРИД-ГКК 2023 АД Охрид, но сепак станува збор за скромни 141,5 илјади евра. Во однос на преклани, кога добивката изнесувала 150 евра, растот е 93.980,79 насто.

    Македонскиот кошаркарски клуб со седиште во Кавадарци ‒ Тиквеш, бил трикратен првак во Првата македонска кошаркарска лига и двократен првак во Купот на Македонија. Бележи сериозен пад од 46,7 насто, на 203 илјади евра, и се наоѓа на шестото место во табелата.

    Последен клуб од десетката во оваа категорија е кошаркарскиот клуб ТФТ АД Скопје, чија реализација на приходи изнесува 140,4 илјади. И овој клуб бележи пад во однос на 2024 година, кога приходот бил 210,7 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ФИНАНСИСКА ТАБЕЛА ПО ДОБИВКИ: ПЕЛИСТЕР ПРВ, МЗТ ПОСЛЕДЕН

    Високите приходите не значат и високи добивки.

    КК Пелистер бележи најголема добивка со 53,1 илјади евра, но тоа е пад од речиси 87 насто во однос на претходната година кога имал над 395 илјади евра. Очигледно е дека лани имало специфичен финансиски прилив што не се повторил.

    Второпозициониран е клубот Охрид-ГКК, кој изненади со 29,6 илјади евра добивка, со што покажува дека и помладите клубови можат да бидат финансиски успешни.

    Првиот во табелата со приходи – Работнички, го зазеде третото место по заработка ‒ 13,8 илјади евра. Сепак, историјата и брендот сè уште носат спонзорства и стабилни резултати.

    МЗТ, и покрај високите приходи, сепак се позиционира на последното место по добивка ‒ само 53 денари или 0,86 центи.

    КК Вардар со 8,9 илјади евра е тивок победник во финансиска смисла – иако кошаркарски не е во првите редови, на сметките е меѓу првите пет.

    Чаир 2030 и Бест (Гевгелија) бележат симболични добивки, но најверојатно тоа е почеток на консолидирање на нови проекти.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КК ОХРИД Е НАЈСИЛЕН ПО КАДАР

    НА ТАБЕЛАТА СО ПРИХОДИ, РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР Е ШАМПИОН – но „головите“ на добивката ги даваат малите клубови

    Во овие десет кошаркарски клуба има вкупно 34 вработени лица. Охрид-ГКК води со 18 вработени ‒ што покажува сериозна организациска структура. КК Работнички функционира со 6 луѓе, а МЗТ има само 4 вработени, што е малку за клубови со толкави амбиции.

    Повеќето клубови како Пелистер, Феникс, ТФТ, Академија ФМП имаат само по 1 вработен.

    Сликата покажува дека кошаркарската лига е повеќе од натпревар на терен – тоа е борба за финансиска одржливост, каде што не секогаш големината на клубот гарантира победа на економската табела.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично