ПОВЕЌЕ

    ТИМ БИЛДИНГ: За успешна фирма е важно менаџментот да има слух за она што имаат да го кажат вработените, вели Петар Младенов во New Biz Podcast

    Време зa читање: 7 минути

    „Во Експлоринг Мацедониа, сестра фирма на Некстсенс, каде бев ангажиран како менаџер за продажба, на проект со Нејшенел Џиографик, имаше колешка за ивент менаџмент и тим билдинзи, која честопати се жалеше – никој не сака тим билдинзи, тоа е само америчка небулоза, кај нас никој не го сака тоа. Мене ме заинтригира – што е тоа тим билдинг – правиме активности на вработените, ги гледаме како комуницираат меѓусебно, во тоа време немаше HR (Human resoruces) и не беше толку актуелна грижа за вработените. Се понудив да бидам дел и од тие активности и добив одврзани раце. Ски Центар Маврово ни беше тогаш прв клиент, имаше некој хуманитарен настан во кој повеќе компании се натпреваруваа во скијање, а после тоа имаше забава“. Вака ја почнува приказната за својата авантура во светот на тим-билдинзите, Петар Младенов, емплоер брендинг маркетинг специјалист во подкастот New Biz.

    „Ми се допадна тој свет. Тогаш имаше 40-тина компании, над 350 учесници, за кои направив и неколку други активности на снег и тематска забава, имав 350 луѓе од толку компании на едно место и гледав како луѓето реагираат и какви се кога не се во својата работна средина и кога ќе го чепнеш:како ти е тебе на твоето работно место, како ти се допаѓа твојот менаџер и тој почнува да ти се отвора и ти сфаќаш дека брендингот за таа една голема компанија којшто си го градел преку нивните реклами и не е баш така како што изгледа на рекламите“, раскажува Младенов.

    Организирањето тим билдинзи толку му се допадна што продолжи да го работи за нов работодавач, Ски центарот Маврово. „На располагање се, спортска сала, дискотека Ратрак, терени, планини, езеро, фудбалско игралиште, имам се, само треба да искреирам нешто што другите компании го нудеа како тим билдинзи, смислив активности, игри, mind-games преку кои можам луѓето да ги отворам, имав „хрчаци“ на кои си ги тестирав игриве, малку ги допоправив и сега беше време да видам како ќе оди тоа. Првата година имав 20 тим-билдинзи, втората имав 45, третата немав денови кои ми беа слободни. Во периодот од четврток до недела имав и до шест тим-билдинзи, некои беа дводелни, некои беа на две локации, пошто имавме три хотела. Tоа за мене беше феноменално искуство“, вели Младенов. „Секој тим билдинг за мене беше откровение, па и кога мислиш дека си видел се, секојпат има нешто што ќе те изненади“.

    ПЕТАР МЛАДЕНОВ ВО NEW BIZ PODCAST: Човечката поддршка и комуникацијата во тимот не може да ја замени ниту најсовремена технологија

    Ова искуство му помогнало да умее да ја анализира културата на самите компании, да ги открива грешките, но и потенцијалот што се крие во работните тимови на тие компании.

    „На еден тим билдинг, обична сметководителка, во една од мајнд гејмс, каде требаше да се решаваат задачи се постави како 40 години лидер да била – толку добро го состави тимот, толку добро разговараше со нив, едната сакаше да се откаже, ја мотивираше, јас бев фрапиран. Жената не ни беше раководител во тој сектор, од скоро дојдена,  цел живот се занимавала со сметководство. Му велам на менаџерот: Имаш во тимот небрусен дијамант, оваа жена е за проектен менаџер, неа во било кој сектор стави ја, ќе ти процвета секторот, ми вика – да, ја знаеме, ама не знам дали таа тоа го сака. Зборував со неа, таа ми кажа дека нејзините постапки произлегле од нејзиниот однос кон децата и ѝ било сосем природно. Ѝ ја сменија позицијата и во рок од шест месеци, а постојано се распрашував за неа во компанијата, стана менаџер на сектор и беше еден од подобрите менаџери во тој сектор. Тоа за мене беше исполнување на сонот“, вели Младенов кој низ ова искуство  почнал да ја открива својата пасија за консултантство, за менторство за кариерен пат.

    Секако, имало и непријатни искуства. „После 250 направени билдинзи нема шанса и да не згрешиш, особено кога некој тренинг мислиш дека е многу добар, дека некоја игра е многу добра, сум грешел и со избор на консултанти за софт скилс. Некогаш заради однесувањето на тренерот, или неговото его, ти пропаѓа целиот тим билдинг, а пошто ти го организираш, целото лошо review паѓа на твој товар. Имавме адреналински спортови, па, на еден од големи корпоративни настани, Мавромаксим Ивент, кој е мое „дете“, настан со 450 души, имавме активност кајакарење, на кој еден менаџер на многу голема компанија, имаше донесено 80 души. Тој – јас сум професионален кајакар, мене не ми треба заштитен елек. Му велам не може така, ако се удавиш, ај ти, ама јас ќе одговарам. Ама тој – инат, македонштината проработе,ми вели: кој ти е менаџер. Мене тогаш ми беше директор Огнен Циговски, му ѕвони на него, тој му вели –  Петар го организира целиот ивент, ако он ти вели дека нешто не може, и Господ да се симне и да каже – нема шанси. И добро, го стави елекот, прво се правеше круг околу црквата, тогаш таа беше под вода. На 20 метри му се превртува кајакот, го фати грч на нога и почнува да паничи. Човекот беше 130 килограми, во вода си далеку потежок, имавме гумен чамец ама никако не можевме да го извадиме човекот. На крајот го извлековме со јаже на брегот. И го прашувам – И, сега? Тој ми вели: Во право беше, ми го спаси животот, сега ќе бев во езерото, само споменик. Разбирам дека некојпат е потребно да се скршат правилата, но кога се работи за опасност по животот, треба да се следат процедурите. Тој ми викаше пред 200 луѓе, ама лекцијата многу брзо дојде“.

    Сепак, Младенов вели дека, всушност, најлошо поминал кога не си верувал на себе си. „Работев за една фирма како консултант, продаваа производи за слабеење, не им одеше продажбата, пробаа преку аптеки, им предложив да пробаме преку мултилевел маркетинг, јазикот и креативноста ми се побрзи од мислите, им предложив- јас ќе ви ги тренирам вработените како треба да се однесуваат и ќе го смислиме целиот план. Топ, може, ми одговорија. И сега? Не знаев многу за мултилевел маркетинг, малку истражив за Хербалајф, се зачленив во Орифлејм, во Авон, им направив план, тие го доработија малку и ми понудија да бидам прв во мрежава, да ги правам тренинзите и да си земам одредена сума на пари. И си мислам – јас ова на ѓутуре го правев, ова не да не функционира, ова во минус има да ги отера. Но, за шест месеци беа најдобро растечката фирма во Македонија, после една ипол година направија милион ипол профит. Сите дистрибутери што јас ги тренирав земаа 20 пати повеќе во еден месец од она што јас го земав еднократно“.

    Оваа лекција, вели Младенов, им ја кажувам и на другите: ако нешто работиш, само имај верба во себе, не е битно дали е првпат или по десетти пат, дека – да, ако ти го правиш тоа, тоа е најдоброто и ако е грешка, си го направил најдоброто од своја страна. И твое си е, и си научил нешто. Така беше и за тим билдинзите, јас верував во себе дека тие се најдоброто нешто што може некој да го направи во Македонија и ги правев и ги продавав како најдобри.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично