ПОВЕЌЕ

    „Тиквеш“ со најголем раст на извозот во регионот

    Време зa читање: 3 минути

    Компанија со најголем раст на извозот во регионот, за минатата година, е винарската визба „Тиквеш“. Наградата ја доби од Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, во соработка со Европската комисија. Со ова, „Тиквеш“ е првата македонска компанија, која во оваа категорија се закити сопрестижната награда.

    Во текот на минатата година кај извозот е постигнат раст од 64 насто, а добар дел од вината на „Тиквеш“ се пласирани на пазарите во регионот, кадешто се традиционално присутни и одлично етаблирани. Резултат на тоа е и наградата, со што се истакнуваат постојаните напори и активности на компанијата за промоција на врвните македонски вина и нивен пробив на странските пазари.

    „Чест ни е што Tиквеш се препознава како формула за успех кој трае. Тоа е така затоа што нашата суштинска вредност не се менува, додека бизнис стратегијата успешно ја адаптираме на светот кој се менува“, посочи генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

    Според него, регионалниот пазар e територија со најголем потенцијал за одржлив раст на извозот, поради фактот што постои висока свест за брендовите на Тиквеш и препознатливост на квалитетот на вината.

    „Генерално, во нашиот регион компаниите од винската индустрија се еден чекор пред компаниите од другите сектори. Веќе настапуваме заеднички на неколку саеми, промовирајќи го регионот како одлична туристичка дестинација, но уште поважно, ги промовираме нашите лозови насади, нашата традиција за производство на вино и нашите локални и автохтони сорти и нивниот квалитет”, истакна Вукиќевиќ, нагласувајќи го значењето и придобивките од регионалната соработка.

    Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан е заедничка иницијатива на стопанските и индустриските комори од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Воедно, ги застапува интересите на повеќе од 350.000 компании, со мисија да ја поврзе бизнис заедницата од регионот и да ја обедини во нејзините заеднички интереси.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично