ПОВЕЌЕ

    „Тиквеш“ со нова автоматска линија за полнење вино – инвестиција од 4,2 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Во Винарската визба „Тиквеш“ од денес е во функција нова дигитализирана автоматска линија за полнење на вино во стаклена амбалажа. Има капацитет од 12.000 шишиња на час. Со тоа, ќе се зголеми квалитетот, но и ќе се забрза процесот на полнење во насока на задоволување на потребите на домашниот и на интернационалниот пазар. Линијата базирана на најнови технологии за автоматизација и дигитализација ја поедноставува работата на вработените, а ја зголемува контролата и безбедноста на финалните производи.

    „Визијата за раст на ‘Тиквеш’ се темели на извонредност во сѐ што правиме, на континуиран одржлив развој, следење и имплементација на светските стандарди и трендови во винската индустрија и постојани инвестиции. Секоја индустрија се менува и овој процес е динамичен и се одвива во континуитет. Наш предизвик е да бидеме секогаш во тек со иновациите и да ги имплементираме во нашето работење. Тоа е основно правило во бизнисот, за да имаме висока конкурентност и да бидеме на нивото на најдобрите. Инвестициите се клучен чинител во тој процес. Денес со гордост ја претставуваме нашата најнова инвестиција во опрема и технологија која е според најновите и најсофистицирани стандарди во нашата индустрија. Тоа е само уште еден чекор кон нашата цел – одржување и унапредување на врвниот квалитет на нашите производи“, истакна Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“.

    Инвестицијата во современа опрема, за која од компанијата известија и преку Македонска берза, е креирана според последните технологии во индустријата и во вредност од 4,2 милиони евра. Средствата се делумно обезбедени од кредитната линија ЕИБ7 од Европската инвестициска банка, наменета за трајни обртни средства и поддршка на зелената транзиција.

    Новата опрема на кавадаречката винарница овозможува намалување на емисијата на јаглерод диоксид за околу 40 проценти или за 135 тони годишно. Тоа, пак, е согласно заложбите за одржливост и ESG принципите. Познато е, „Тиквеш“ е првата винарница во Југоисточна Европа која ги имплементираше тие стандарди, а пред извесно време го објави и првиот ESG извештај.

    Опремата е изработена од реномираните италијански производители: GAI, MAKRO, APE, ROBINO&GALLANDRINO и GSA и ќе придонесе за зголемување на ефикасноста и брзината при испораката на вино до купувачите.

    Инсталирањето на опремата и целокупниот инженеринг е изработен од водечката компанија REC PROSPERO, под чие водство се реализираше и монтажата. Се работи за сложен и деликатен процес кој траеше две години, по што автоматската линија за полнење на вино во стаклена амбалажа беше успешно пуштена во работа. Од компанијата истакнаа дека опремата што сега е дел од винарницата е на нивото на оние на останатите водечки винарници во светот. Покрај тоа ВВ „Тиквеш“ ќе направи сервис и надградување на постојната линија за полнење, со што таа ќе биде модернизирана и ќе може и во иднина да се користи во производниот процес на винарницата.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично