Се влошуваат економските перспективи за германската економија, откако индустриското здружение BDI соопшти дека очекува посериозна рецесија во 2025 година отколку што претходно предвидуваше. Наместо минимален пад од 0,1%, сега се прогнозира контракција од 0,3%, што би значело трет последователен годишен пад на најголемата европска економија. Главната причина е заострувањето на трговските односи со САД и потенцијалното воведување на високи царини.
Според BDI, промените во американската царинска политика ќе имаат длабоки последици за германскиот извоз, кој е столб на нејзината економија. Соединетите Држави беа најголем трговски партнер на Германија во 2024 година, со вкупна двонасочна трговија вредна 253 милијарди евра (288 милијарди долари). Германскиот извоз во САД достигна 186,2 милијарди долари, што претставува 10,35% од вкупниот извоз на земјата и бележи раст од 2,2% во споредба со претходната година.
Сепак, според новиот извештај на германскиот тинк-тенк институт ИФО, политиките на американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да го намалат германскиот извоз во САД за драматични 38,5%. Анализата се базира на сценарио во кое Вашингтон и Европската Унија не успеваат да постигнат договор до крајот на тековниот 90-дневен грејс период, кој истекува на 9 јули. Ако по овој датум се воведат 50% царини за ЕУ-извозот, најпогодени би биле клучните германски сектори: автомобилскиот и фармацевтскиот.
ИФО проценува дека автомобилската индустрија ќе загуби до 6% од додадената вредност, а фармацевтската дури 9%. Покрај тоа, германската производствена индустрија во целина се очекува да се намали за 2,8%. Извозот во Кина исто така ќе трпи – со очекуван пад од 2,8% во истиот негативен сценарио.
Интересно, не сите сектори би трпеле штети. ИФО предвидува скромен раст од 0,4% во услужниот и земјоделскиот сектор, како резултат на потенцијалното пренасочување на домашната побарувачка и производни капацитети.
И покрај мрачната прогноза, претседателот на BDI, Петер Лајбингер, изрази умерен оптимизам:
„Сè уште постои реална шанса за подобрување следната година, ако германската влада решително го продолжи патот што го избра.“ Тој ги поздрави чекорите за олеснување на даноците и намалување на цените на енергијата, но истакна дека се потребни понатамошни реформи. Дополнително, индустриското здружение ја понуди својата поддршка во јакнењето на германските одбранбени капацитети, посочувајќи дека „германската индустрија е подготвена да го даде својот придонес“.
Во контекст на глобалната нестабилност и растечките трговски бариери, Германија се соочува со сериозен предизвик – како да ја заштити својата извозно ориентирана економија и истовремено да го одржи темпото на неопходните структурни реформи.