ПОВЕЌЕ

    ТАВ Аеродроми: 3,15 милиони патници во 2023 година на скопскиот и охридскиот аеродром

    Време зa читање: 4 минути

    Двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, бележат 33% пораст во патничкиот сообраќај во 2023 година, споредено со 2022 година, додека споредено со истиот период во 2019 година, порастот е 18% 

    Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, двата македонски аеродрома, ја завршија 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај со што достигнаа приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3.149.274 патници и 23.949 летови биле опслужени.

    Вкупниот број на патници, 3.149.274, постигнат во 2023 година е значајна пресвртница за двата македонски аеродрома, а значи и две истовремени достигнувања – надминување на рекордниот број на патници од 2019 година од речиси 2,7 милиони патници и за првпат опслужени се 3 и над 3 милиони патници на двата аеродрома.

    „ТАВ како аеродромски оператор е воодушевен од ваквите резултати во авиосообраќајот за аеродромите во Скопје и Охрид. Со преку 3 милиони опслужени патници, уште еднаш докажавме дека со постојаност и сериозна посветеност кон обезбедување на аеродромски услуги со најдобар квалитет успехот е неизбежен. По остриот пад на сообраќајот во авиопревозот и воздухопловството, среќни сме што сме сведоци на целосно закрепнување и постигнати нови пресвртници во изминатата 2023 година. Бидејќи нашата цел како аеродромски оператор опфаќа пречекување на патниците и управување со аеродромите на одговорен начин, убедени сме дека со експертизата за гостопримство, иновативниот пристап и интеграцијата во локалните заедници на луѓето кои работат на аеродромите, македонските аеродроми и натаму ќе бидат препознаени поради персонализираното искуство на патниците, одржливите методи на работа и како центри за воздушен транспорт. Порастот од 33% на патничкиот сообраќај е одлично достигнување и овие резултати на висок пораст се одраз на напорната работа и посветеноста на персоналот на скопскиот и охридскиот аеродром, за што сум благодарен. Без луѓето, македонските аеродроми немаше да бидат тоа што се, затоа ќе продолжиме да работиме заедно во синергија бидејќи ни претстои многу динамична година“. – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

    Од аеродромскиот оператор се задоволни бидејќи македонските аеродроми ги надминаа прогнозите за европскиот авионски патнички сообраќај на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за 2023 година за речиси 23% наспроти 2019 година и се сигурни дека позитивниот тренд ќе продолжи и сигурно ќе ги надмине прогнозираните +1,4% и за 2024 година. особено имајќи ја предвид силната побарувачка за авио транспорт, како и квалитетот на услугите што се нудат на аеродромите во Скопје и Охрид.

    Најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 10,9% пазарен удел), Базел Милуз (6,4%), Цирих (5,4%), Франкфурт (4,7%), Дортмунд (4,5%), Виена (4,4%), Минхен Меминген (4,3%), Анталија (3,2%), Хамбург и Келн (по 2,7%).

    Топ 5 земји со директни летови за 2023 година беа Германија (28,3% пазарен удел); Турција (16,1%); Швајцарија (13,4%); Шведска (6,5%); и Италија (6,4%).

    Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2023 година на скопскиот аеродром, Wizz Air превезе најголем број патници во 2023 година (61,8% пазарен удел); потоа следат Turkish Airlines (7%); Pegasus Airlines (6,2%); Austrian Airlines (4,4%); Chair Airlines (3,7%).

    На охридскиот аеродром, во 2023 година, најфреквентна дестинација за патување беше Базел (21,5% пазарен удел), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации се со пазарен удел од 0,5%.

    Моментално и според зимскиот ред на летање, има 13 авиокомпании кои што оперираат од Меѓународниот Аеродром Скопје (Aegean Airlines, Air Serbia, Austrian Airlines, Chair Airlines, Croatia Airlines, Easyjet, Edelweiss, LOT Polish Airlines, Lufthansa, Pegasus Airlines, SunExpress, Turkish Airlines, Wizz Air) и сообраќаат до 42 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 3 авиокомпании (Chair Airlines, Edelweiss, Wizz Air) сообраќаат до 4 дестинации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично