Светозар Јаневски е претседател и на новиот состав на Управниот одбор на Винарската визба Тиквеш. Неговиот син Јане Јаневски ќе го предводи Надзорниот одбор. За промените во органите на управување компанијата информираше преку објавите на Македонска берза.
„Со Одлука од седница на Надзорен одбор, поради истек на мандатот се констатира престанок на функциите на членовите на Управниот одбор на Друштвото и се именува нов состав на Управниот одбор на Акционерско друштво за производство и промет на вино Винарска визба-Тиквеш експорт –импорт АД-Кавадарци“, стои во известувањето.
Освен Светозар Јаневски, во Управниот одбор се членовите Искра Клинкарова, Драган Тилев и Коце Ивановски.
„Со Одлука од седница на Надзорен одбор, Јане Јаневски е избран за претседател на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за производство и промет на вино Винарска визба-Тиквеш експорт –импорт АД-Кавадарци“, е содржината на втората објава од компанијата.
Јане Јаневски, кој е директор за финансии во Тиквеш, претходно беше дел од Управниот одбор, од каде што на почетокот од месецов прејде во Надзорниот одбор. Во новиот состав на тоа тело се Кристијан Поленак (член) и Руди Лазаревски (независен член).
Што се однесува до резултатите од работењето на ова акционерското друштво за производство и промет на вино, минатата година ја заокружи со добивка од близу 4,2 милиони евра. Имаше приходи од 59 милиони евра, чија структураа покажува дека видовите вино на Тиквеш добро се продаваат и дома (26,5 милиони евра) и во странство (32,5 милиони евра).