ПОВЕЌЕ

    „СВЕТОТО ТРОЈСТВО” НА ПРИЛЕПСКАТА ИНДУСТРИЈА

    Време зa читање: 4 минути

    Историјата и развојот на најголемите прилепски компании заслужуваат посебно внимание и почит затоа што се градени врз основа на цврсти вредности и во нив е вложен многу труд. Успешниот преод од економскиот модел во поранешната држава до современа пазарна економија, како и создавањето на нови можности за појава на нови компании се двата најбитни сегменти врз кои се темели локалната економија. Дел од овие компании се веќе докажани играчи на меѓународно поле, а исто така новите компании завземаат се поголем дел од глобалните пазари.

    Од аспект на постигнатите резултати за 2020 година, согласно податоците на Бизнисмрежа.мк, може да се издиференцираат 3 водечки компании: Витаминка, Прилепска Пиварница и Мермерен Комбинат. Вкупните приходи на овие 3 компании зафаќаат скоро 80% од вкупните приходи на топ 10 сегментот, додека парцијалното учество само на Витаминка изнесува околу 35%. Суверен лидер на пазарот, неколку години уназад, е компанијата Витаминка. И покрај кризната година оваа компанија прокнижила приходи од над 41.6 милиони ЕУР, што претставува пораст од 1.85% во однос на 2019 година. Кај другите две компании од тројката” забележани се силни нарушувања во продажбата. Имено, Прилепска Пиварница се соочила со пад на приходи од скоро 15%, додека таквите бројки кај Мермерен Комбинат достигнуваат и до 32.8%, што воедно е и најголем регистриран пад во топ 10 сегментот. Од друга страна, со крупни чекори напред се движи компанијата Микросам. Таа е најпозитивниот пример од прилепскиот регион остварувајќи годишен пораст на вкупни приходи од над 75%, а исто така кај оваа компанија регистриран е и најголем пораст на приходи во апсолутна вредност од 4.4 милиони ЕУР.

    НазивПриходи 2020 Приходи 2019 Раст%
    ВИТАМИНКА41.686.176 40.930.075 1,85%
    ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА26.904.283 31.643.552 -14,98%
    МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ 24.547.728 36.557.170 -32,85%
    МИКРОСАМ 10.145.059 5.787.162 75,30%
    КРИВОГАШТАНИ-ПРОМЕТ4.294.473 2.722.063 57,77%
    ЛАМИНАТИ КОМ4.004.988 3.365.071 19,02%
    КРИН КГ2.611.328 2.849.930 -8,37%
    МАТАДОР 2002 1.428.612 1.669.525 -14,43%
    ИНЈЕЦТИОН МОУЛДИНГ753.426 791.298 -4,79%
    СИЛИКА-МИНЕРАЛ562.745 695.220 -19,06%

    Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

    Од аспект на остварените добивки нема правилна корелација со нивото на остварени приходи и по основ на овој параметар бројките се во најмала рака чудни. Имено, Мермерен Комбинат е лидер според остварена добивка, која во 2020 година изнесувала 8.3 милиони ЕУР што претставува 33% од вкупните приходи. Оваа добивка сепак е за 58% пониска од добивката во 2019 година, а кумулативно добивката на останатите 9 компании од ова друштво е скоро 3.5 милиони ЕУР. Умешноста на менаџментот на Мермерен комбинат за вакви бројки е за секоја почит. Прилепска Пиварница заедно со Микросам имаат процентуално најголеми порасти кај остварената добивка, иако апсолутните вредности се на прилично ниско ниво. Она што зачудува е падот на добивка кај Витаминка од 21% и истата во 2020 година изнесувала 223.000 ЕУР, иако видовме дека оваа компанија има приходи од над 40 милиони ЕУР. Најпоразителни бројки во оваа категорија се остварени кај компанијата Крин КГ, која евидентирала пад на добивка од 72%, додека компанијата Инјецтион Моулдинг втора година по ред е во загуба.

    НазивДобивка 2020 Добивка 2019Раст%
    МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ8.315.070 20.126.533 -58,69%
    ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА1.338.607 325.561 311,17%
    ЛАМИНАТИ КОМ1.144.403 963.464 18,78%
    КРИВОГАШТАНИ-ПРОМЕТ483.297 265.582 81,98%
    МИКРОСАМ298.221 111.879 166,56%
    ВИТАМИНКА223.043 282.405 -21,02%
    КРИН КГ118.745 432.245 -72,53%
    СИЛИКА-МИНЕРАЛ70.866 152.592 -53,56%
    МАТАДОР 200216.070 30.535 -47,37%
    ИНЈЕЦТИОН МОУЛДИНГ(195.355)(230.585)-15,28%

    Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

    Од аспект на примањата на вработените во овие 10 компании може да се забележи дека сепак пелагониската пресметка е на страната на битолските компании(анализирани во предходната колумна), кои далеку повеќе го вреднуваат трудот на вработените. Интересно кај прилепските компании е тоа што највисоката просечна плата ја исплаќа компанијата Кривогаштани – Промет со 41.691 денари, меѓутоа од вкупно 36 вработени. За разлика од неа, компаниите каде има масовни вработувања значително “го врзале ќесето”. Убедливо најголем работодавец е Витаминка каде на платниот список се наоѓаат 681 вработен, а во втор план се Мермерен Комбинат и Прилепска Пиварница со над 250 вработени. Тенденцијата за пораст на Микросам се гледа и преку бројот на вработени кој во 2020 година се зголемил за 22%, што претставува најголем пораст кај топ 10 компаниите. Од друга страна, кај двете компании кои имаа потешкотии со генерирање добивка има и значителен пад на бројот на вработени од над 15%.

    НазивПросечна плата по вработен 2020 Вработени 2020Вработени 2019Раст%
    КРИВОГАШТАНИ-ПРОМЕТ41.691 МКД36 36 0,00%
    МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ34.010 МКД357 362-1,38%
    ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА30.940 МКД263266 -1,13%
    КРИН КГ29.792 МКД 63 74 -14,86%
    МИКРОСАМ29.135 МКД154 126 22,22%
    ВИТАМИНКА28.000 МКД 681 689 -1,16%
    ЛАМИНАТИ КОМ27.976 МКД7562 20,97%
    СИЛИКА-МИНЕРАЛ26.348 МКД25 26 -3,85%
    ИНЈЕЦТИОН МОУЛДИНГ26.047 МКД 28 35 -20,00%
    МАТАДОР 200225.677 МКД15 15 0,00%

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично