ПОВЕЌЕ

    Студентите, пензионерите, земјоделците… не мора веќе да работат на црно, ги штити Закон

    Време зa читање: 3 минути

    Секој може легално да работи без да ги загуби правата што веќе ги има е пораката што државата ја праќа со новиот Закон за работно ангажирање, кој овозможува пофлексибилни и поедноставени процедури за вработување, а особено ги штити студентите, пензионерите и корисниците на социјална помош. Се очекува и дека под дејството на ова законско решение, 17.400 лица ќе преминат од неформалната во формалната економија.

    Промените, во однос на досегашната пракса, се големи. На пример, пензионерите можеа да работат, но мораа да направат избор помеѓу платата и пензијата. Односно, статусот вработен значеше да се загуби правото на пензија. Исто така, ангажманот беше регулиран со авторски или со договор на дело. Затоа и многумина остануваа да работат во сивата зона.

    Конкретно, посочи министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Овозможено е ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите го задржуваат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.

    „Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, зашто директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик кој бара системски решенија“, рече Дурмиши, кој во Владата го презенрираше Законот за работно ангажирање лица што е во примена од почетокот на годинава.

    Како што наведе, во првата фаза Законот ги опфаќа дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинствата. Според анализите, се очекува формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и на околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите.

    Според Дурмиши, оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставени административни постапки, а работниците исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.

    „Со овој Закон испраќаме јасна порака дека државата е решена системски да ја сузбива сивата економија и активно да ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и стабилна, предвидлива и фер деловна клима за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија“, истакна Дурмиши.

    Министерството ќе почне кампања за промоција на Законот под мотото „Фер ангажман”.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично