Европската комисија во својот годишен извештај за 2025 година оцени дека Северна Македонија има „добро ниво на подготвеност“за функционирање на пазарна економија, но дека напредокот во изминатата година бил ограничен. Иако земјата покажува отпорност кон надворешни шокови и продолжува да ја усогласува својата политика со европските стандарди, структурните слабости, инфлацијата и големата неформална економија остануваат главни пречки за посилен раст.
„Македонската економија има потенцијал за побрз раст, но тоа ќе зависи од способноста на институциите да обезбедат предвидливо деловно окружување, силна правна држава и стабилна фискална политика“, заклучува Европската комисија во извештајот за 2025 година.
Комисијата забележува дека инфлацијата останала висока, иако е во опаѓање, додека фискалниот дефицит е поголем од планираното ниво. Владата, според Брисел, ги зголемила капиталните расходи, но истовремено јавниот долг и натаму е на високо ниво, а приходната страна на буџетот останува ранлива.
„Македонската економија покажа извесна отпорност во услови на глобални шокови, но нејзината конкурентност е ограничена поради ниската продуктивност и структурните нерамнотежи“, се наведува во документот.
Во Извештајот е потенцирано дека „економскиот раст се зајакна во 2024 година, и покрај намалената надворешна побарувачка“.
„По значителеното забавување на растот во 2023 година, годишниот реален раст на БДП се забрза во 2024 година, од 2,4% во првата половина на 3,1% во втората половина. За цела година реалниот БДП се зголеми за 2,8%, во споредба со просечната стапка на раст од 1,7% во периодот 2019-2023 година. Економската активност беше во голема мера водена од инвестициите и јавната потрошувачка, при што второто делумно одразува силен пораст на платите во јавниот сектор“, пишува во Извештајот.
ФИСКАЛНИТЕ ЦЕЛИ НЕ СЕ ПОСТИГНАТИ
Во поглавјето за јавните финансии Европската комисија укажува дека јавниот долг и натаму е висок, а фискалната консолидација се одвива бавно. Државата, според извештајот, сè уште нема воспоставено доволно силни механизми за контрола на расходите и за анализа на јавните инвестиции. Од Комисијата препорачуваат зголемена транспарентност во трошењето на буџетските средства, особено во делот на државната помош и јавните набавки.
Во извештајот е прецизирано и дека Владата не ја исполни првичната фискална цел во 2024 година.
„Платите во јавниот сектор беа зголемени во текот на годината над првично предвидените средства во буџетот, а пензиите беа зголемени во септември 2024 година и повторно во март 2025 година, на линеарен начин, а не преку индексација. Буџетот за 2025 година не е во согласност со новото правило за дефицит, чија примена е одложена за 2027 година, една година подоцна од првично планираното. Владата не иницираше никакви мерки за елиминирање на даночните ослободувања. Сè уште не го усвоила нацрт-законот за јавно-приватни партнерства“, пишува во Извештајот.
ВРАБОТЕНОСТА РАСТЕ, НО МЛАДИТЕ И ЖЕНИТЕ ОСТАНУВААТ МАРГИНАЛИЗИРАНИ
Еден од клучните сегменти во економските критериуми е пазарот на труд. Европската комисија бележи континуиран пад на невработеноста, но и натаму стапката на вработеност е под просекот на ЕУ, особено кај младите и жените.
„Пазарот на трудот продолжува да страда од структурни недостатоци како што се ниските стапки на учество, особено за жените, и несовпаѓањата на вештините. Овие се голема пречка за економски раст. Растот на платите остана висок, поттикнат од договорите за плати во јавниот сектор и зголемувањето на минималните плати“, пишува во Извештајот.
Одливот на квалификувана работна сила кон земјите членки на Унијата создава сериозен недостиг на работници во неколку сектори, меѓу кои градежништвото, ИТ-индустријата и здравството.
Комисијата посочува дека се потребни поактивни политики за вработување и подобро усогласување на образованието со потребите на пазарот, со цел да се спречи т.н. „одлив на мозоци“.
СИВАТА ЕКОНОМИЈА НЕ СЕ РЕШАВА
Голем дел од економијата и понатаму функционира во неформалниот сектор, што создава нелојална конкуренција и ја ограничува даночната база.
„Неформалната економија останува значителна и бара координирана реакција на институциите, особено во инспекциските служби и фискалните органи“, се наведува во извештајот.
Брисел потсетува дека, според некои проценки, неформалната економија сочинува дури 38 отсто од БДП и ја поткопува конкурентноста на домашните компании. Во 2024 година уделот на работната сила вработена во неформалниот сектор се зголеми за 1,6 процентни поени на 12,3 насто, според Државниот завод за статистика.
„Спроведувањето на Акцискиот план на Владата за 2023 година за формализирање на неформалната економија се забави, делумно поради реорганизацијата на одговорностите во новата влада. Понатаму, правната сигурност во деловното опкружување е попречена од зголемувањето на забрзаните парламентарни процедури, како и од недоследната примена на прописите“, пишува во Извештајот.
ПОФАЛБИ ЗА БАНКАРСКИОТ СЕКТОР
Банкарскиот сектор се покажа како отпорен, а макропрудентниот сет алатки беше зајакнат.
„Ликвидноста во банкарскиот сектор е висока. На крајот од првиот квартал, учеството на ликвидните средства во вкупните средства од 21,4% беше над нивото од претходната година. Централната банка ги зголеми задолжителните резерви за да апсорбира вишок ликвидност. Коефициентот на нефункционални кредити во вкупните кредити кон нефинансискиот сектор се намали на рекордно ниско ниво од 2,7% во 2024 година. Годишниот раст и на депозитите и на банкарските кредити кон приватниот сектор се зголеми, особено кон компаниите“, пишува во Извештајот.
НАДВОРЕШНАТА ПОЗИЦИЈА – МАЛКУ ВЛОШЕНА
Надворешната позиција на земјата малку се влоши, пишува во Извештајот од Брисел.
„Странските директни инвестиции се зголемија за 4,2 процентни поени на 7,1% од БДП во 2024 година, што е далеку над просекот во претходните пет години (4,0%) Економијата останува ранлива на потенцијален обновен пораст на цените на енергијата, со оглед на нејзината висока енергетска интензивност и големата зависност од увезената енергија. Девизните резерви беа зголемени со два големи владини заеми од Унгарија од 1 милијарда евра, од кои половина беа наменети за рефинансирање на еврообврзница што достаса во јануари 2025 година“, наведува Европската комисја и додава: „Девизните резерви изнесуваа 4,8 месеци од потенцијалниот увоз на стоки и услуги на крајот на јуни. Бруто надворешниот долг се зголеми за 3,3 п.п. во 2024 година, на 79,8% од БДП. Зголемувањето се должи и на задолжувањето на општата влада во странство и на меѓукомпаниските заеми“.
ШТО ПРЕПОРАЧУВА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА?
Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно имплементирани и затоа остануваат во голема мера валидни, пишува во економскиот дел на Извештајот.
„Во наредната година, Северна Македонија особено треба: да го усвои преостанатото законодавство за спроведување на органскиот закон за буџет и да обезбеди усогласеност со фискалните правила, вклучително и со усвојување дополнителни мерки за зголемување на приходите и контрола на тековните трошоци; да го забрза спроведувањето на акцискиот план за управување со јавни инвестиции и да го усвои Законот за јавно-приватно партнерство; да усвои и спроведе ревидиран акциски план за формализирање на неформалната економија“, препорачуваат од Европската комисија.
Аналитика








