ПОВЕЌЕ

    СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ Ѝ СЕ ВРАЌААТ НА МАКЕДОНИЈА: Во април 78% биле странци – најбројни Турците и Германците

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија вложува интензивни напори за да ја зајакне својата позиција како привлечна туристичка дестинација. По новогодишните празници, веќе се договараат нови авио линии, а државата паралелно работи и на подобрување на патната инфраструктура, како и на други услови за полесен и попријатен престој на туристите. Сѐ останато – од сместувањето до храната и услугите – останува на приватниот сектор, кој треба да ја искористи оваа шанса за раст.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, во април 2025 година во Македонија престојувале 96.943 туристи, од кои дури 78,6 отсто биле странци, а само 21,4 отсто домашни гости. Во истиот месец се остварени 171.886 ноќевања, од кои 73,5 отсто се на странските туристи, додека 26,5 отсто на домашните.

    Во периодот јануари – април 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 13,4 отсто споредено со истиот период лани. Иако кај домашните туристи е забележано намалување од 4,2 отсто, кај странските гости има значаен раст од 21,6 отсто. Слична е ситуацијата и со бројот на ноќевања – вкупниот раст е 10,5 отсто, но притоа домашните оствариле 4,7 отсто помалку ноќевања, додека странските туристи 19,8 отсто повеќе.

    Најбројни посетители и во април годинава се туристите од Турција – 21.124 гости. Следуваат Германците со 11.097, Србите со 4.905 и Французите со 4.881 турист. Ваквата распределба покажува дека Турците веќе подолго време ја држат водечката позиција меѓу странските гости во Македонија, а Србија традиционално останува меѓу најприсутните на листата.

    Податоците јасно покажуваат дека странскиот интерес за Македонија расте. Државата поставува инфраструктурни темели, но токму приватниот сектор ќе биде клучен фактор за да се претвори овој интерес во долгорочен економски бенефит. Туризмот во земјава веќе не е само потенцијал – туку тренд што бара посветеност и квалитетна понуда.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично