ПОВЕЌЕ

    Странските инвеститори не се повлекуваат, но ризиците за работа се зголемуваат

    Време зa читање: 4 минути

    Глобалната криза предизвикана од војната на Блискиот Исток веќе создава силни притисоци врз трошоците, снабдувањето и инфлацијата, но странските инвеститори во Македонија засега не бележат драстично намалување на нарачките. Сепак, неизвесноста е висока, а ризиците се зголемуваат од повеќе страни.

    Претседателот на Советот на странските инвеститори, Виктор Мизо, вели дека ситуацијата е променлива и тешко предвидлива.

    „Сè уште немаме видливо директно намалување, иако на неделно ниво понекогаш постојат мали флуктуации на нарачките. Драстично намалување сè уште не постои, бидејќи има несигурност и сите чекаат да видат што ќе се случи“, посочи Мизо.

    Анкетата меѓу странските инвеститори во земјава била спроведена пред почетокот на војната на Блискиот Исток. Затоа сега одредени сегменти добиваат дополнителна тежина. Најголемиот удар се очекува кај трошоците. Зголемувањето не доаѓа само од енергенсите, туку и од логистиката. Транспортот од Кина кон Европа веќе е значително поскап, а проблемите во Црвеното Море ги нарушуваат глобалните текови. Дел од рутите се пренасочуваат околу Африка, што го продолжува времето и ја зголемува цената на транспортот.

    „Контејнер од Кина до Европа веќе е зголемен за околу 65 насто, а можеби и уште повеќе ќе се зголеми“, истакна Мизо.

    Истовремено, цената на нафтата и дериватите се задржува на структурно високо ниво, дури и ако кризата брзо заврши, поради оштетената инфраструктура и нарушените пазари.

    Покрај цените, сериозен ризик претставува и потенцијалниот недостиг на клучни ресурси. Во делови од Азија веќе се најавуваат кризни состојби поради недостиг на гориво, што може да влијае и врз авионскиот транспорт.

    Проблеми се очекуваат и кај индустриските суровини. Околу 10 отсто од глобалното производство на алуминиум доаѓало од земји во Персискиот Залив, што сега создава дополнителен притисок врз цените и снабдувањето. Освен тоа, недостигот на ѓубрива и петрохемиски производи ќе влијае и врз производството на храна и индустриското производство.

    Според процените, инфлацијата која за 2026 година била очекувана околу 2,8 насто, може да достигне и до 4 насто. Тоа би значело дополнително зголемување на трошоците за финансирање, нагласи Мизо

    Ризик претставува и евентуалното пренасочување на капиталот од земјите од Заливот кон обновување на сопствената инфраструктура, наместо кон глобалните пазари, што би го намалило приливот на средства.

    „Од државните фондови на Саудиска Арабија, Катар, Емиратите, Бахреин годишно доаѓаа 800 милијарди долари. Каде и како ќе бидат насочени, дали во репарација на нивната инфраструктура? Што значи, тие 800 милијарди нема да бидат на глобалниот пазар на капитал за да се финансира глобалната економија“, посочи Мизо

    Иако кризата е глобална, компаниите се обидуваат да ја искористат ситуацијата за да останат конкурентни.

    „Ова е глобален проблем. Не е важно дали сме лоцирани во Македонија или нашиот конкурент е во друга држава. Потенцијалното намалување на побарувачка ќе се одрази на сите места“, вели Мизо.

    Проблем е и логистиката. Мизо посочи на неодамнешните блокади на транспортерите и последиците што биле предизвикани. Или, само во тие денови транспортните трошоци на странските компании се зголемиле од неколку стотици илјади до неколку милиони евра, затоа што морале да се снаоѓаат и со авионски летови да ги пренесуваат производите.

    „Компаниите ќе ви кажат, ако не можете да ги проголтате тие трошоци, најдете алтернативна локација за производство, која не е во Западен Балкан. Ако кој било од нас треба да го однесе производството во која било од нашите сестрински компании во ЕУ, тоа значи дека нема повторно да се врати“, потенцира Мизо.

    Иако засега нема драматичен пад на нарачките, сигналите од теренот покажуваат дека кризата постепено се прелева во реалната економија – преку повисоки трошоци, нарушени синџири на снабдување и растечка неизвесност.

    Инаку, анкетата опфатила 47 странски инвеститори присутни во Македонија. Нивните најголеми забелешки за условите што им ги нуди државата се преточени во неколку барања: хармонизација на царинските стапки со ЕУ; униформиран пристап за оправданите инвестициски трошоци; исполнување на договорите и на правните обврски од страна на институциите; формирање едношалтерски систем, односно една институција – мост меѓу барањата и потребите на инвеститорите со надлежните инстанци; намалување на корупцијата; добивање работни дозволи за престој и работа на странци.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично