На денот кога го прослави јубилејниот 80. роденден, Стопанска банка ги објави добитниците на нови 11 грантови за асоцијации на лица со пречки во развојот како дел од шестото издание на општествено-одговорната кампања „Сонуваме.Менуваме“. Оваа долгогодишна кампања на Банката е наменета за подигнување на јавната свест за поголема инклузија на лицата со попреченост и градење подобро општество за сите.
Доделените грантови се во вкупна вредност од 30.000 евра и се наменети за реализација на различни проекти со кои се подобруваат и олеснуваат условите во општеството за лицата со попреченост. Стопанска банка, како и во годините претходно, објави јавен повик до сите асоцијации, училишта и здруженија на лица со попреченост, при што пристигнаа 26 барања.
Специјална комисија на Банката ги оценуваше сите пристигнати барања, по што избра 11 проекти кои ќе бидат реализирани во следните месеци со финансиска поддршка на Стопанска банка и со кои значително ќе се подобрат условите за секојдневна дружба, социјализација и едукација на децата со пречки во развојот низ земјата. Добитниците на грантовите и нивните проекти се објавени на веб-страницата на Стопанска банка. Преку платформата „Сонуваме.Менуваме“, во оваа и претходните години, Стопанска банка има инвестирани над 115.000 евра за реализација на повеќе од 60 инклузивни проекти.
Во рамки на шестото издание на „Сонуваме.Менуваме“ вчера се реализираа и две прикажувања на музичко-театарскиот спектакл „Необичен ден“ во кој главните ликови се омилените јунаци од „5+ Фамилија“ заедно со деца со попреченост. Со впечатлива игра на актерите и нивните пријателчиња со попреченост, колоритни костими, одлична музика и спектакуларни визуелно-сценски елементи, учесниците во „Необичен ден“ пред многубројната публика уште еднаш ја пренесоа пораката дека сите заедно треба да влијаеме на менување на свеста за значењето на инклузијата, со што ќе создаваме свет без предрасуди и поделби.
Претставата „Необичен ден“, зад која стојат Стопанска банка во соработка со ОXО продукција, ќе се прикажува во Македонскиот народен театар (МНТ) и во јануари.