Најстарата и една од трите најуспешни банки – Стопанска банка Скопје успешно се справува со конкуренцијата. Особено во делот на кредитирањето, од каде што преку наплатата на камати бележи највисоки приходи. Што значи, најсилна е во најзначајната компонента во остварувањето на вкупните банкарски приливи. Конкурентна е и во поглед на добивката, односно второпозиционирана е со чистиот профит од 1.783.826.000 денари или близу 28,9 милиони евра.
Во анализата на неконсолидираните и неревидирани финансиски резултати, се наведува патот до нето-добивката: пред исправката на вредност изнесува 2.743.466.000 денари (44,4 милиони евра), која е 18% повисока од претходната година; а потоа, пред оданочување е 1.982.029.000 денари (32 милиони евра) и има раст од 19%.
За 18 насто се зголемени и нето-приходите од камати, кои изнесуваат 3.102.745.000 денари, односно 50,2 милиони евра. Најмногу носат каматите од кредитните активности и од позициите за ликвидност – меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност, „кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите“, посочуваат од Стопанска банка. Инаку, значаен е податокот – приходите од камата на Банката и обезбедиле прилив од 3.451.204.000 денари или 55,8 милиони евра.
Бројките за останатите приходи покажуваат дека тука нема големи отстапувања. Нето-приходите од наплатените провизии и надоместоци се 428.151.000 денари (6,9 милиони евра), а од курсните разлики 78.631.000 денари (околу 1,3 милиони евра). И двете ставки се на приближно истото ниво како и пред една година. А, останатите приходи од дејноста изнесуваат 242.562.000 денари (3,9 милиони евра).
Трошоците се повисоки за 11 насто, при што се наведува дека во овој домен има ефикасна контрола. Останатите расходи од дејноста и трошоците за вработените се 8,2, односно над 9 милиони евра.
Скопската Стопанска банка предничи и по кредитната поддршка со вкупно 93.508.414.000 денари или повеќе од 1,5 милијарди евра.
А, пак, вкупните депозити се во износ од 102.354.696.000 денари, односно 1,65 милијарди евра. Значајниот раст на влоговите, особено од населението, ги стимулирал вложувањата на Банката во хартии од вредност. Овде има зголемување од 26 проценти и е забележана сума од над 232 милиони евра.
На повидок спојување: Комерцијална банка ќе даде понуда за преземање на Стопанска банка Битола
Во споредба со крајот на минатата година, вкупната банкарска актива е повисока за два проценти и достигнува 134.149.001.000 денари, односно 2,17 милијарди евра.
М.А.