ПОВЕЌЕ

    Стопанска банка Битола во позитива: За девет месеци добивка од речиси 800 илјади евра  

    Време зa читање: 3 минути

    Добивка од 49,15 милиони денари или 799,2 илјади евра е финансискиот исход од деветмесечното работење на Стопанска банка Битола. Позитивните резултати се прикажуваат втора година по ред. За споредба, лани во тој период профитот изнесуваше 694 илјади евра, односно за една година има напредок од 15,2 насто.

    „Позитивниот финансиски резултат главно се должи на засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година“, посочуваат од СТББТ. Притоа, елаборирајќи ги состојбите во тие две години, проследени со активностите за пронаоѓање стратешки инвеститор, како определба дефинирана во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2025 – 2027 година, „кога фокусот беше ставен кон поголема наплата на кредитите, решавање на нефункционалното портфолио, внимателно кредитирање заради подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и зајакнување на ликвидносните позиции“.

    Сето тоа се рефлектирало врз нивото на кредитирање и врз приходите од редовното работење. Нето-приходите од камата, реализирани од јануари и заклучно со септември се пониски за речиси 1,2 милиони евра или за 20,92 отсто во однос на споредбениот период и изнесуваат околу 4,5 милиони евра. А, пак, вкупно дадената кредитна поддршка е во износ од 62,5 милиони евра.

    Исто така, влијанието ги опфатило и нето-приходите од провизии и надоместоци, каде што е запишана сума од 800,8 илјади евра, пониска за 36,72 отсто. За 5,25 отсто се помали и нето-приходите од курсни разлики, кои изнесуваат 225,9 илјади евра.

    Раст од 6,94 насто е забележан кај останатите приходи од дејноста, кои достигнуваат 352,3 илјади евра, како резултат на повеќе остварени приходи од дивиденди“. Во хартии од вредност Банката има вложено над 26,3 милиони евра.

    Воедо, од СТББТ нагласуваат дека исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 142,3 илјади евра, „што претставува значително подобро остварување од истиот период во 2024 година“, кога се работело за негатива од 1,5 милиони евра.

    Во трите квартали трошоците за вработените се намалени за 5,99 отсто, во услови на намален број вработени и раст на продуктивноста на вработените. Пониски се и останатите расходи од дејноста – за 7,14 отсто.

    Остварени се одлични ликвидносни и капитални показатели, ценат од Банката, со оглед на движењата кај приходната и расходната страна,

    „Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.9.2025 година изнесува 32,88 %, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 48,59 % и тие се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор. Силната капитализираност и ликвидност на Банката претставуваат главен предуслов за одржување на долгорочна финансиска стабилност и идно успешно работење“.

    Од битолската Стопанска банка истакнуваат дека и понатаму остануваат фокусирани на потребите на клиентите: Банката со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите, умерен раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за наплата на нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио и одржување на оптимално ниво на депозитен потенцијал, како од аспект на ликвидност така и од аспект на профитабилност во работењето, со што ќе се создадат неопходните предуслови за генерирање на позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик“.

    Сопственоста на Стопанска банка Битола веќе е на Алта банка, чија понуда за преземање беше прифатена од 262 акционери. За нивните акции српската банка плати околу 21 милион евра. Очекувањата се дека на СТББТ   ѝ претстои дигитализација, осовременување на работењето и постигнување повисоки деловни резултати.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично