Македонскиот банкарскиот сектор се потврди како стабилен и отпорен на ненадејните удари и кризи, што укажува на способноста да се предвидат можните ситуации и ризици и подготвено да се реагира кога ќе се појават. Од годината полна со предизвици, како победник излезе и Стопанска банка а.д. Битола. Во влошени услови на економска активност, при намалена денарска ликвидност на финансискиот пазар во земјата, а со постојано зголемување на каматната стапка на благајнички записи и на референтната каматна стапка, битолската банка оствари позитивен финансиски резултат, согледан преку нето-добивката од 486 илјади евра или 29,95 милиони денари.
Со зголемување од 15,32 насто, нето-приходите од камати достигнале износ од 722 илјади евра (44,48 милиони денари), а во однос на оствареното од 2021 година. Приходите од камати се повисоки за 658 илјади евра, односно 40,54 милиони денари, при што е регистриран раст од 10,16 проценти. Расходите за камати, пак, бележат годишно намалување од 3,63 отсто и се на ниво од 63,9 илјади евра (3,94 милиони денари). Со ова, планот за нето-приходи од камати за 2022 година е остварен со 98,10 проценти.
Што се однесува до нето-приходите од провизии и надоместоци, тие се пониски за 137 илјади евра (пад од 5,5 отсто) или 8,45 милиони денари. Притоа, приходите од провизии и надоместоци се намалени за 0,61 процент и изнесуваат 21,4 илјади евра (1,32 милиони денари). Од друга страна, расходите за провизии и надоместоци се повисоки за 115,7 илјади евра (7,13 милиони денари), што значи раст од 10,76 насто. Од Банката образложуваат дека растот на расходите за провизии и надоместоци главно произлегува од работата со платежните картички, паралелно со зголемените тарифи на провајдерите Visa и Master. Остварувањето на планот за 2022 година во оваа позиција изнесува 88,55 проценти.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни и се во износ од 410,8 илјади евра (25,31 милиони денари) и се пониски за минимални 2,9 отсто. Или, минусот е 12,3 илјади евра (0,76 милиони денари). Во овој сегмент од работењето, планот за 2022 година е остварен со 93,72 проценти.
Останатите приходи од дејноста се повисоки за 116,5 илјади евра (7,18 милиони денари), или за 25,27 насто споредено со 2021. Тоа е резултат од остварените капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот е реализиран со 122,88 проценти.
Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио во значително тешки економски услови за клиентите на Банката, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -1,2 милиони евра (-77,09 милиони денари). За разлика од 2022, во 2021 година било извршено еднократно ослободување на исправка на вредност од наплата на претходно отпишано побарување, од каде што произлегла разликата во реализираната нето-исправка на вредност во двете споредбени години. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа е позитивна, и е во износ од 206,9 илјади евра (12,75 милиони денари). Тоа се должи на продажбата на дел од преземениот имот и ослободување на претходно издвоената исправка на вредност, согласно регулативата на НБРСМ.
Кај трошоците за вработените се бележи зголемување од 4,8 насто во споредба со претходната 2021 година, додека планот за анализираниот период тука е остварен со 99,35 проценти. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 9,19 насто, а реализацијата на планот 88,70 проценти. Амортизацијата е зголемена за 11,57 насто на годишна основа, а планот е остварен со 99,02 проценти.
Инаку, Банката не исплати дивиденда за 2021 година, што е во согласност со усвоената Одлука за употреба и распоредување на остварената добивка по Годишната сметка, усвоена од Собранието на акционери.