Во согласност со очекувањата, во првиот квартал од 2023 година, Стопанска банка АД – Скопје оствари добивка пред оданочување и резервации во износ од 1 151 593 илјади денари, што е 25 % повеќе споредено со претходната година. Истовремено, врз основа на прудентните политики на Банката за управување со ризиците, имајќи ги предвид сите предизвици што ги носи тековното деловно опкружување, глобално и на ниво на домашната економија, во текот на првиот квартал од 2023, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 375 149 илјади денари.
Со тоа, Стопанска банка го заокружи првото годинешно тримесечје со добивка, која пред оданочување е во изнс од 776.444 илјади денари или 12,4 милиони евра. Во однос на истиот период од минатата година, има зголемување од пет проценти. Успешното работење се согледува и кај активата, која е на ниво од 1,9 милијарди евра (121.240.794 илјади денари). Се шири обемот на бизнис активностите, што е во согласност со деловната стратегија на скопската Стопанска банка.
Податоците проследени до Македонската берза покажуваат дека за три месеци се реализирани 20,7 милиони евра (1.289.288 илјади денари) како нето-приходи од каматите. Споредено со истиот период лани, зголемувањето е за 30 насто. Од банката посочуваат дека тоа е резултат на интензивните кредитни активности и зголеменото кредитно портфолио, но и на трендот на раст на каматните стапки.
Провизиите и надоместоците, кои се намалени за три проценти, донеле нето-приходи од 3,3 милиони евра (207.386 илјади денари). Затоа, пак, деветпроцентен пораст е забележан кај нето-приливите од курсните разлики, кои достигнале нешто повеќе од 728 илјади евра (45.279 илјади денари), и тоа како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 1,9 милиони евра (123.289 илјади денари).
И покрај ценовните флуктуации и високата инфлација, наведуваат од Стопанска банка, ги ограничиле оперативните трошоци од работењето, при што се одржани на релативно стабилно ниво. На последниот ден од март трошоците за вработените изнесувале над четири милиони евра (250.062 илјади денари), а оперативните трошоци – 3,6 милиони евра (229.115 илјади денари).
Кредитите и побарувањата од други комитенти се 1,3 милијарди евра нето (86.445.863 илјади денари) и се приближно на исто ниво во однос на крајот од минатата година. Исто така, на речиси идентично ниво се и кредитите и побарувањата од банки – 4,7 милиони евра (294.537 илјади денари).
Вкупните депозити во Стопанска банка изнесуваат 1,4 милијарди евра или 92.419.934 илјади денари.
Во фокусот на оваа банка останува одржувањето на лидерското пазарно учество од околу 27 отсто во сегментот на кредитирање на населението, ако и натамошното зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите, кое на крајот од март достигна 16,4 проценти.
Редакција Пари