
Гигантите за брза мода „Шеин“ и „Тему“, кои за кратко време освоија милиони купувачи со ниски цени и непрекинати попусти, сега се под сериозен притисок во САД. Американски политичари бараат истраги не само за тоа како се произведуваат нивните производи, туку и за тоа дали ја почитуваат интелектуалната сопственост и безбедносните стандарди.
Во Тексас, државниот обвинител Кен Пакстон отвори истрага против „Шеин“, следејќи го примерот на неколку европски земји кои веќе презедоа слични чекори кон компанијата. Истовремено, на федерално ниво, сенаторот Том Котон повика на поширока, национална истрага и за „Шеин“ и за „Тему“, опишувајќи ги како „комунистички кинески платформи“ и обвинувајќи ги дека со кражба на интелектуална сопственост „уништиле“ бројни американски компании.
Од „Шеин“ порачаа дека сериозно ги сфаќаат сите загрижености поврзани со нивните деловни практики и дека се подготвени да соработуваат со властите. „Ја поздравуваме конструктивната соработка со државниот обвинител Пакстон“, соопшти компанијата, додавајќи дека ќе учествува во истрагата, но не се осврна директно на иницијативата на Котон за федерална истрага. Иако официјалното седиште на „Шеин“ е во Сингапур, најголемиот дел од производите што се продаваат на платформата се произведуваат во Кина, каде што компанијата и започна.
Во писмо до американската државна обвинителка Пам Бонди, сенаторот Котон посочи дека милиони пакети од Кина сега завршуваат во американските магацини откако Вашингтон во август ги промени правилата за нискобуџетни пратки. Американскиот претседател Доналд Трамп го укина долгогодишното „de minimis“ правило, глобално ослободување од царина што масовно го користеа купувачите на евтини стоки. Со тоа, малите пратки станаа предмет на давачки и построги царински контроли.
Според Котон, овие нови регулативи им даваат на Министерството за правда и на Министерството за внатрешна безбедност „златна можност“ да дејствуваат. Тој, како близок сојузник на Трамп и гласен критичар на Кина, смета дека е момент да се провери како функционираат платформите кои буквално го преплавија американскиот пазар со евтина стока.
Дизајнери и мали американски модни брендови со години го обвинуваат „Шеин“ дека систематски им ги копира оригиналните креации. Според нивните тврдења, за само неколку дена откако некоја нова колекција ќе се појави на пазарот, многу слични парчиња веќе се појавуваат на апликацијата на „Шеин“, по цена што е само дел од оригиналната. Котон наведува дека овие обвинувања не се изолирани, туку дел од поширок образец на однесување.
Тој дополнително го обвини и „Тему“ дека дозволува продажба на „софистицирани и измамнички фалсификати“ на платформата, која има стотици милиони корисници ширум светот. Котон се повика на истрага во САД, според која значителен дел од артиклите купени од „Шеин“ и „Тему“ веројатно биле фалсификувани производи.
Одделно од тоа, државниот обвинител Пакстон наведе дека бројни извештаи отвораат сериозна загриженост дека „Шеин“ се потпира на принудна работа, користи небезбедни материјали и практикува измамен маркетинг. Брендот одамна е под лупа и поради своето влијание врз животната средина – брзата мода создава огромни количини отпад и бара интензивно производство – но и поради условите во кои работат луѓето што ги произведуваат овие „евтини“ производи.
Пакстон најави дека истрагата ќе оцени дали практиките на „Шеин“ ги кршат законите на Тексас преку наводно користење на опасни материјали и дали потрошувачите биле доведени во заблуда за етичкото потекло и снабдување на производите. Истрагата, исто така, ќе го испита начинот на кој „Шеин“ ги собира и користи податоците од своите корисници. „Нема да дозволам евтина, опасна, странска стока да ја преплави Америка и да го загрози нашето здравје“, порача Пакстон онлајн.
Притисокот врз „Шеин“ не доаѓа само од САД. Компанијата се соочува и со повици од Европската Унија да ја ограничи продажбата на детски секс кукли и оружје на својот пазар од трети страни, откако француските власти пријавија постоење на вакви производи на платформата во ноември. „Тему“ исто така е под истрага во Франција поради ширење, како што се тврди, штетна содржина достапна за младите корисници.
Пакстон, пак, не го посочува „Шеин“ како единствен проблематичен пример. Тој веќе поднесе тужба и против популарната онлајн платформа за игри „Роблокс“, тврдејќи дека компанијата „флагрантно ги игнорира“ законите за безбедност и ги залажува родителите за ризиците што, наводно, ги носи платформата за младите гејмери. Од „Роблокс“ ги негираа обвиненијата и оценија дека тие се засновани на погрешни претпоставки.
Со зголемените регулативи, потенцијалните истраги и растечката критика, светот на брзата мода се соочува со прашање што одамна виси во воздух: колку чини навистина фустанот од 12 долари, ако во цената не се пресметани работничките права, заштитата на животната средина и почитувањето на интелектуалната сопственост?
Аналитика








