Целокупната економска активност на една земја може да се измери во најразлични вредности: произведени производи или извршени услуги, превезени патници, издадени книги, направени филмови итн. Бидејќи во една економија постојат најразлични добра и услуги кои може да се искажат на различни начини, потребно е да се најде заедничка мерка со која би се искажала нивната вкупна вредност. Таа заедничка мерка во економијата се нарекува бруто домашен производ.
Што е бруто домашен производ?
Бруто домашниот производ (БДП) ја претставува целокупната економска активност на една земја. Тоа е најзначајна макроекономска категорија со која се прикажува вкупната вредност на произведените финални добра во една економија во текот на една година.
Оттука, можеме да ги утврдиме и компонентите од кои е составен бруто домашниот производ:
- Секторот на домаќинствата – секое семејство преку своите расположливи доходи троши одредена количина на добра и услуги, но одредена количина од доходот кој останал непотрошен го заштедува. Со тоа влијае врз вкупната вредност на финални добра во економијата;
- Секторот на претпријатијата влијае врз БДП преку трошоците кои ги прави за неговото работење, како и преку инвестирање во капитални фондови;
- Секторот на државата како компонента има влијание врз БДП преку прибирањето на средства во вид на даноци и придонеси, а исто така има влијание и преку трошењата кои ги прави за своето непречено функционирање, како и преку социјалните трансфери;
- Надворешно-трговскиот сектор придонесува во вредноста на БДП преку увозот и извозот на различни добра и услуги. Вредноста на БДП се зголемува кога извозот е поголем од увозот и обратно.
Може да се забележи дека секој од овие сектори има влијание врз еден или врз повеќе други сектори како компоненти на бруто домашниот производ. Така, на пример, еден дел од трошоците на компаниите се наменети за доход на домаќинствата како и за плаќање на даноци и придонеси кои, пак, се приходи во секторот на државата. Од друга страна, трошоците кои ги прави секторот на домаќинствата е приход за секторот на претпријатијата. На овој начин бруто домашниот производ ги сумира ефектите од сите сектори и ја прикажува економска активност на целокупната економија.