ПОВЕЌЕ

    Стандардот на пензионерите, конечно, на дневен ред, работната група ќе утврдува минимална пензија

    Време зa читање: 2 минути

    Утврдување на минималната пензија со закон е една од целите на новоформираната работна група која денес ќе ги започне активностите поврзани со проблемите на пензионерите. Прашањата кои се однесуваат на пензионерскиот стандард ќе ги решаваат претставници на министерствата за труд и социјална политика и за финансии, од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, од ПИОМ, од Сојузот  на пензионери, МАПАС и приватните пензиски друштва.

    Ќе се работи на измени или на ново законско решение за пензиското и инвалидско осигурување, за минимална пензија и социјални мерки за пензионерите со ниски пензии, најави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Исто така, посочи дека ќе бидат разгледани сите пристигнати предлози од здруженијата на пензионери, од иницијативните одбори на пензионерите кои протестираат, од Партијата на пензионери…

    Главна тема на работната група, формирана со одлука на Владата, ќе биде законот за минимална пензија, по примерот на минималната плата. Односно, според изјавите на министерката, ќе се креираат мерки во чиј фокус ќе бидат пензионерите со пониски пензии, како и оние што живеат сами.

    Пензионерите секојдневно одржуваат протести со барања: 3.500 денари линеарно зголемување за сите, најниската пензија да биде колку и загарантираната минимална плата, бесплатни лекови… Незадоволството произлезе во моментот кога министерката ја објави информацијата дека септемвриските пензии ќе бидат зголемени за 6,8 проценти, кои им следуваат во рамки на усогласувањето што два пати во годината се прави со движењето на животните трошоци и просечната плата.

    Според јулските статистики на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во државата има 336.107 пензионери. Просечната пензија е 19.057 денари, што значи дека со усогласувањето ќе дојде до 20.350 денари.

    Пензионерите на протестите истакнуваат дека не е спорна само висината на пензиите, туку и нивниот статус во општеството. Од работната група очекуваат позитивни резултати – да се најдат решенија и за зголемувањето на пензиите, за оние со најниски примања, но и за бесплатни лекови и болничко лекување.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично