Утре напладне ќе бидат блокирани работодавачите – Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис Конфедерацијата на Македонија, како втора фаза од активностите на Сојузот на синдикатите во битката за зголемување на работничките плати. Блокадата ќе започне на крстосницата пред СКСМ, а „на барикадите“ повторно ќе излезат 21 лице, колку што е законскиот минимум, порачаа од ССМ.
„Повторно ќе бидеме 21 претставник на синдикатот, онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Нема да дозволиме работниците да им мрзнат на газдите на улица, да им мрзнат на пратениците на улица и да и мрзнат на Владата на улица само за да ги блокираат како што овие ги блокираат работниците, некои 36 години, некои две години, а некои една година“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Воедно, нагласи дека газдите се жалат поради недостигот на работна сила, а не сакаат да ги зголемат платите.
„Пред Стопанската комора ќе блокираме газди кои ги блокираат работниците 36 години, газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати, како и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат.
Ќе блокираме газди кои се исплашија од нападите на Владата и нападите на политичките партии на работниците и на синдикатите, ќе блокираме газди сѐ додека не донесат одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари“.
Претседателот на ССМ, поради тоа што „ги бројат“, упати повик до работниците, доколку можат да им се придружат на блокадата:
„Ги повикувам работниците кои можат и кои ќе поминуваат да ни се придружат макар и на пет минути затоа што другите не бројат. Тие не мислат и не сакаат да разберат дека овие блокади кои се таргетирани и наменски се со по 21 човек на улица само за да им покажеме дека не ни се потребни оние 12 илјади луѓе кои излегоа на 28-ми јануари со нас за време на големиот работнички протест на ССМ, за да ги блокираме“.
На 17 февруари под блокада ќе биде Владата. А потоа, рече Трендафилов – „Ќе повикаме на уште еден голем работнички протест за кој ќе организираме превоз од сите градови и на кој ќе дадеме шанса на сите работници да дојдат“. Тој протест ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица, пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор, доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос”.
Аналитика








