ПОВЕЌЕ

    Средба Ангеловска-Бежоска – Окамура: Независната централна банка е клучна за ценовната и финансиската стабилност  

    Време зa читање: 2 минути

    „Централната банка, како професионална и независна институција дејствуваше соодветно за справување со последната инфлациска епизода, што придонесе за одржување на целокупната стабилност“ – беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Кенџи Окамура, заменик генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

    Притоа, се заклучува дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, но неопходно е внимателно следење на инфлациските движења. Овие заклучоци беа дадени за време на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, што се одржува во Кишињев, Молдавија.

    На средбата помеѓу Ангеловска-Бежоска и Окамура беше нагласено дека одржувањето на независноста на Народната банка е од огромна важност. ММФ позитивно ја оценува посветеноста на Народната банка во исполнувањето на целите, особено напорите за надминување на ефектите од последователните кризи во изминатиот период. Професионалноста, стручноста и посветеноста се на највисоко ниво кога станува збор за одлуките што ги спроведува Народната банка. Покрај ова, на средбата беше истакнато дека во околности на зголемена економска неизвесност, централните банки треба почесто да бидат присутни во јавноста со објави во кои ќе ги појасни економските движења и ќе ги образложи причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки.

     Гувернерката истакна дека Народната банка го следи овој тренд и постојано ја унапредува својата транспарентност, којашто придонесе за значително зголемување на довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ за оцена на транспарентноста на Народната банка.

    Сето ова придонесе за значително намалување на инфлациските притисоци, без притоа да има поголеми неповолни ефекти врз финансискиот систем. Со мерките на Народната банка инфлацијатае сведена на едноцифрена стапка, девизните резерви се зголемени на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично