На онлајн платформата https://netbanking.mk/portal/studentportal на Шпаркасе банка во тек е ажурирање на податоците од корисниците на студентскиот оброк, по што ќе бидат изработени и издадени наменските Visa картичка. Тоа се однесува на студентите кои аплицирале на 13-от повик од Министерството за образование и наука за субвенциониран студентски оброк.
Од Банката информираат дека новите студенти кои ги исполниле условите за студентски оброк треба да ги внесат своите податоци на онлајн платформата и ќе влезат во финалниот процес за добивање на студентската Visa картичка.
А, пак, студентите кои лани биле корисници на студентскиот оброк и ќе продолжат да ја користат истата студентска картичка, немаат обврска за дополнително ажурирање на своите податоци.
„Во согласност со Законот за субвенциониран студентски оброк, секој студент што го остварил правото на субвенциониран оброк на својата студентска картичка ќе добива максимум достапен износ во седмицата од 840 денари. Износот што ќе биде ставен на располагање на студентот на почетокот од тековната седмица и ќе му биде достапен за користење до крајот на седмицата заклучно со ден сабота, ќе биде во висина од 140 МКД помножен со број работни денови во тековната седмица почнувајќи од понеделник до сабота (максимум достапен износ во седмицата 6 х 140 МКД = 840 МКД), освен во периодот од 1 јули до 1 октомври, за време на државни празници и во неработни денови“, информираат од Шпаркасе банка.
Наменската картичка е единственото средство преку кое студентите можат да користат субвенциониран студентски оброк, поради што е важно секој студент да ја подигне навремено. Преку СМС-порака на телефонскиот број внесен на платформата, студентите ќе бидат известени за тоа кога и каде ќе може да се подигне картичката.
Дополнително, Шпаркасе банка на сите нови студенти кои аплицирале за студентскиот оброк ќе им овозможи бесплатно користење на пакетот за млади Vibe Оn. Пакетот вклучува отворање и одржување платежна сметка, добивање и користење портокалова Visa Vibe Оn платежна картичка и користење на мобилната апликација S-Banka, сето тоа без надомест. Исто така, студентите добиваат и две бесплатни подигнувања средства од кој било АТМ во земјата и целосно бесплатно подигнување средства од сите АТМ на Шпаркасе банка во земјата и АТМ на Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте во странство, како и соодветни привилегии и поволности во рамките на клуб програмата Vibe Оn.