ПОВЕЌЕ

    Совет на Народната банка: И натаму е потребно следење на ризиците и претпазливост во водењето на политиките

    Време зa читање: 6 минути

    Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведени минатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија  и финансиската стабилност. Всушност финансиската стабилност и дополнително зајакна и покрај последователните кризи во изминатиов период.

    Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација“. Начинот на водењето на монетарната политика од страна на Народната банка, одржувањето на финансиската стабилност, како и довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка  беа позитивно оценети од страна на повеќе релевантни меѓународни и европски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ), како и Светската банка.

    Дел од активностите на Народната банка во 2023 година беа насочени во области кои носат погодности за граѓаните како корисници на банкарските услуги. Со стапувањето на сила на Законот за платежни услуги и платни системи, се поттикнува влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите, а се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, основната сметка со платежни функции, како и поголема транспарентност.  Народната банка воспостави и нова алатка која овозможува споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги, а исто така за прв пат донесе и Циркулар којшто ги опфаќа добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор. Исто  така, Народната банка започна со таргетирани контроли на давателите на платежни услуги во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.

    Минатата година се засилуваше и колективната свест кон спроведување одржливи економски политики насочени кон екологијата. За таа цел, Народната банка го усвои првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, со што се постави сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени. Како дел од активностите од Планот, Народната банка донесе и Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирањето и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.

    Во 2023 година беше донесена и Финтек-стратегијата за финансиските регулатори, во која се содржат препораки за координиран пристап на регулаторите, со цел да се трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.

    Народната банка активно работеше на остварувањето на Програмата за работа за 2023 година којашто придонесува за исполнување на стратегиските цели и јакнење на институционалните капацитети предвидени со Стратегискиот план за периодот 2022 ‒ 2024 година, а воедно и за исполнување на предвидената визија да биде препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.

    Во однос на статистиката, Народната банка продолжи со објавување на нови сетови на податоци со кои ги продолжи напорите за следење на меѓународните и европски статистички барања и го исполни последниот показател во рамките на највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци СДДС плус. Ова, во основа значи зголемување на транспарентноста на Народната банка што е видливо и преку збогатувањето на веб-страницата со повеќе податоци, алатки за пристап до информации и преку дополнувањето со други начини на комуникација со јавноста.

    На истата седница беше усвоен и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2023 година. Во него се наведува дека и покрај повеќето шокови кредитното портфолио на банките е со солиден квалитет, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на ниво на историскиот минимум. Адекватноста на капиталот на банките во 2023 година достигна нивоа коишто се највисоки во изминатите 17 години и на крајот од годината изнесува 18,1%, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочувањето со евентуалните ризици. Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој што треба да го одржуваат банките, со што се очекува натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем. Во насока на понатамошно јакнење на отпоноста на банкарскиот сектор и јакнење на макропрудентната политика, минатата година беа подготвени и донесени новиот Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки.

    Носител на депозитниот раст во 2023 година чиј годишен раст достигна 9,2% беа депозитите од домаќинствата, иако и депозитите од претпријатијата го забрзаа растот. Преку инструментот за задолжителна резерва Народната банка придонесе за раст на склоноста на депонентите за чување на своите средства во денарските депозити, чиј годишен раст е неколкукратно повисок во споредба со зголемувањето на девизните депозити, при што кај домаќинствата растот на депозитите во денари изнесува 11,8% наспроти 4,4% во странска валута, додека кај корпоративниот сектор 15,8% наспроти 8,2%. Дополнително, позитивни придвижувања има и во однос на рочноста на депозитите, при што долгорочните депозити, по подолг период на намалување, во 2023 година забележаа раст со стапка од 25,7%, највисока во последните десетина години.

    Показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрени, а стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за апсорбирање на можните шокови. Сепак, окружувањето и натаму е неизвесно во услови на геополитички превирања и потребно е натамошно внимателно следење на ризиците и претпазливост во водењето на политиките.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично