ПОВЕЌЕ

    СОСТОЈБАТА ЕСКАЛИРА, ОРЕОВЧАНИ ОД ПОНЕДЕЛНИК ГО БЛОКИРААТ ПАТОТ СКОПЈЕ – ПРИЛЕП, незадоволни од молкот на институциите за нивниот проблем со Бехтел и Енка

    Време зa читање: 3 минути

    Жителите на прилепското село Ореовец, кои веќе една недела го блокираат приодот кон своето село, каде конзорциумот Бехтел и Енка подготвува терен за експлоатација на мермер, најавија дека од понеделник, 27.05.2024 ќе ги радикализираат протестите. Тие најавија дека ќе го блокираат регионалниот пат Прилеп – Скопје, во знак на протест што надлежните институции останаа глуви за сериозниот проблем со водоснабдување, како што велат, на град Прилеп.

    Граѓаните, собрани околу иницијативата наречена Спас за Прилеп, тврдат дека минирањата и експлоатацијата на каменот токму од ова место ќе ги загрозат неколкуте извори на вода за пиење од кои се снабдува селото, и тоа во регион како Прилеп кој хронично кубури со водаснабдување. На некои објекти во селото, приватни домови, како и селската црква, веќе се појавиле пукнатини и оштетувања по извршените минирања, тврдат тие.

    Радикализацијата на револтот на жителите на Прилеп и околните села во близина на Плетвар доаѓа откако цела недела нема ниту глас од надлежните институции, а нашите обиди како медиум да добиеме одговори на прашањето како е можно Бехтел и Енка да копаат камен за потребите на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, како дел од Коридор 10 Д без да им биде доделена концесија и без потребните дозволи, факт потврден во допис од Министерство за економија, останаа безуспешни.

    Единствено ЈП Државни патишта се огласи со образложение дека за бараните одговори на прашањето што ќе превземат за да се спречи незадоволствто на локалното население кое веќе резултира со блокирање на патиштата и дали биле направени потребните студии за да се утврди како зафатот ќе влијае врз животната средина пред Бехтел и Енка да почнат со работа, ќе им требало повеќе време да ги подготват.

    Изминативе денови, жителите на прилепски Ореовец го блокираа само пристапниот пат до селото каде конзорциумот Бехтел и Енка веќе почна да гради база, поради што градешната оператива и работниците немаа пристап на терен.

    Паралелно со блокадите, Спас за Прилеп почна со борба во институциите, со иницијатива до Основниот суд во Прилеп за обезбедување на докази и до Уставниот суд, каде бараат оценка на уставноста на Законот за утврдување на јавен интерес, со кој „Бехтел и Енка“ се избрани како партнер на државата во реализацијата на проектот за изградба на патиштата од коридорите 8 и 10.

    Ј.Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично