Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија и Комисијата за пазар на капитал на Република Црна Гора денес во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се воспоставува рамка за унапредување на меѓусебната соработка и размена на информации во областа на надзорот и регулирањето на пазарите на капитал. Во Меморандумот се предвидува зајакнување на институционалната соработка преку размена на искуства и добри практики, координација во надзорните активности, како и заемна поддршка во процесите на лиценцирање, истраги и спроведување на прописите од надлежност на двете институции.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Бујаре Абази, по потпишувањето изјави:
„Со потпишувањето на овој Меморандум правиме значаен импулс кон продлабочување на регионалната соработка и градење стабилен и ефикасен регулаторен амбиент. Заедничките активности ќе придонесат за унапредување на надзорните практики, зајакнување на институционалните капацитети и зголемување на довербата на инвеститорите. Регионалната соработка е клучна во процесот на приближување кон европските стандарди. Преку размена на знаења и искуства, создаваме предуслови за поефикасна имплементација на новата законска регулатива усогласена со ЕУ, како и за развој на конкурентни и интегрирани пазари на капитал.“
Претседателот на Комисијата за пазар на капитал на Црна Гора, Жељко Дринчиќ, изјави: „Со потпишувањето на овој Меморандум се воспоставува рамка за подобрување на меѓуинституционалната соработка, консултациите и меѓусебната помош во областа на надзорот и спроведувањето на прописите за пазарите на капитал. Овој Меморандум претставува значаен чекор кон зајакнување на регионалната соработка и дополнително подобрување на регулаторните капацитети, со цел натамошен развој на транспарентен, стабилен и ефикасен пазар на капитал.“
Со активностите зацртани во Меморандумот за соработка со заеднички напори започнува нова фаза на партнерство меѓу двете институции, насочена кон креирање модерен и отпорен пазар на капитал, во согласност со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики.
Аналитика








