Во периодот 26 – 27 мај 2025 година, претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, учествуваа на годишниот состанок за проектот за соработка со Националната канцеларија за ревизија на Норвешка (NAON), кој се одржа во Осло. Настанот претставуваше продолжение на долгогодишната успешна соработка помеѓу двете институции, со цел заедничка евалуација на постигнувањата и утврдување на приоритетите за понатамошна соработка.
Состанокот беше отворен со срдечно добредојде и воведно обраќање од Главниот државен ревизор на NAON, г. Карл Ерик Шјот-Педерсен, по што следуваше разгледување на Годишниот извештај и дискусија за годишното планирање на активностите за соработка. Посебно внимание беше посветено на презентирање на новиот Закон за Националната канцеларија за ревизија на Норвешка и стратешките насоки на институцијата, со цел размена на искуства во области кои се од приоритетно значење за ДЗР.
Вториот ден од состанокот беше резервиран за претставување на достигнувањата на ДЗР. Главниот државен ревизор ги презентираше значајните успеси во развојот на институцијата, како и конкретните резултати од работењето во насока на постигнување на додадена вредност за подобрување на животот на граѓаните, во согласност со принципите на INTOSAI-P 12 – Вредности и користи за ВРИ, нагласувајќи ја улогата на ревизијата како движечка сила за отчетност, транспарентност и добро управување.
Преку заедничка дискусија, беа разгледани можностите за ревидирање и прилагодување на проектната документација, со акцент на приоритетните области: ИТ ревизија, иновации, ревизии на успешност и регуларност, како и проширување на соработката во нови области, како што се правна рамка, стратешко планирање и управување со човечките ресурси.
Главниот државен ревизор на Националната канцеларија за ревизија на Норвешка, Карл Ерик Шјот-Педерсен, изрази благодарност за досегашната соработка, нагласувајќи ја посветеноста за нејзино продолжување. Тој ја истакна вредноста на заедничките активности како можност преку која двете институции учат една од друга, разменуваат добри практики и ја унапредуваат својата работа.
Оваа средба претставуваше важна можност за размена на искуства, идеи и добри практики, со фокус на одржливост на резултатите и унапредување на институционалните капацитети на двете институции.
Главниот државен ревизор во името на вработените на ДЗР изразува благодарност до домаќините од Националната канцеларија за ревизија на Норвешка за срдечниот прием и конструктивните дискусии, и се надева на продолжување и продлабочување на оваа плодна соработка.