Рускиот бизнисмен Андреј Мељниченко ѝ ја предаде сопственоста на двете најголеми компании за јаглен и ѓубрива на својата сопруга Александра Мељниченко еден ден пред Европската унија да ги санкционира средствата, пренесува Ројтерс. Мељниченко, кој се збогатил во годините по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, се откажал од својот удел во производителот на јаглен SUEK AO и групата ѓубрива EuroChem Group AG на 8 март, неговиот 50-ти роденден, оставајќи ѝ ја на својата сопруга, Србинката Александра Мељниченко, вистинската сопственост на компаниите.
Според медиумите, до 8 март, Мељниченко поседувал две компании преку синџир на трустови и корпорации што се протега од Москва и швајцарскиот град Цуг до Кипар и Бермуди, според правните поднесоци што ги разгледа Ројтерс. Од 2006 година, сопругата на Мељниченко е втора зад нејзиниот сопруг на листата на вистински сопственици на двете компании во доверливи документи, тврдат анонимни извори. Тоа значело дека таа сигурно ќе ја наследи сопственоста на компаниите во случај нејзиниот сопруг да умре.
Меѓутоа, кога започна војната во Украина во февруари, Мељниченко се загрижил дека ќе биде под одреден режим на санкции на Европската унија против Русија, пишува Ројтерс. Од 8 март годинава сопругата Александра во официјалната документација стана вистинска сопственичка на тој начин на целото богатство. Швајцарската компанија „Еурохем“ потврди дека Александра Мељниченко го заменила сопругот како сопственик.
„По заминувањето на нејзиниот основач, примарната вистинска сопственост на трустот, која има 90 отсто удел во глобалната компанија за вештачко ѓубриво, автоматски премина на неговата сопруга“, се вели во соопштението на компанијата за Ројтерс во средата.
Швајцарскиот весник Tages-Anzeiger прв објави за улогата на сопругата на Мељниченко во EuroChem. Мелниченко, кој ги основал SUEK и EuroChem пред две децении, според рангирањето на Форбс е осмиот најбогат човек во Русија минатата година, со проценето богатство од 22,7 милијарди долари.
Европската унија го санкционираше Мељниченко на 9 март, наведувајќи ја неговата наводна блискост со Кремљ, како дел од обидот на Западот да го казни рускиот претседател Владимир Путин за инвазијата на Украина која започна на 24 февруари. Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на неговиот имот, забрана за влез во Европската унија и забрана за субјектите од ЕУ да му обезбедуваат средства, не се однесуваат на неговата сопруга, ќерка или син.
Мељниченко има руско потекло, но е роден во Белорусија, а мајка му е Украинка. Обединетото Кралство го стави на листата на санкции на 15 март. Швајцарија воведе санкции против него следниот ден. Во изјава за Ројтерс во март, по воведувањето на санкциите од ЕУ, бизнисменот рече дека војната во Украина е „навистина трагична“ и повика на мир. Портпаролот на Мељниченко тогаш изјави дека тој „нема политичка определба“.
Западните влади воведоа сеопфатни санкции за руски компании и поединци во обид да ја принудат Москва да се повлече. Сепак, некои руски бизнисмени под санкции, вклучително и Роман Абрамович и Владимир Евтушенко, го префрлија имотот на пријателите и членовите на семејството, предизвикувајќи сомнеж за ефикасноста на овие обиди за притисок врз Москва.