ПОВЕЌЕ

    СОПИШТЕ НЕ Е САМО ЗЕЛЕНА ПЕРИФЕРИЈА ‒ Топ 10 компании ѝ донесоа над 12 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Сместена на јужните падини на планината Водно, општината Сопиште е зелена врата кон Скопје, на само неколку километри од градската врева, а сепак со дух на рурална тишина. Општината зафаќа 222 квадратни километри и во своите 13 населени места брои 6.713 жители, според последниот попис. Денес, Сопиште не е познато само по своето зеленило и убавите излетнички места, туку и по тоа што е дом на изненадувачки разнолики компании, од трговци со месо и агрохемиски препарати, преку инженерски и градежни фирми, па сè до туризам и индустрија за видеоигри.

    Колку и дали е погодна оваа општина за бизнис покажуваат податоците од Бизнис мрежа што ги анализира порталот Пари. Бројките покажуваат дека десетте најголеми компании во општината во 2024 година оствариле вкупни приходи од 12,45 милиони евра, што е раст од 22,65 насто во однос на 2023 година. Добивката изнесува 1,72 милиони евра, повисока е за 5,18 насто, а бројот на вработените пораснал за повеќе од 7 насто, од 113 на 121 лице.

    КОМПАНИЈА ШТО СЕ ЗАНИМАВА СО МЕСО Е ЛИДЕР ПО ПРИХОДИ

    Сцената на приходите во 2024 година е широк фронт на раст, но не со сензационализам, туку со здрава експанзија. ЈАФА ПРОМЕТ ДОО увоз извоз с. Чифлик, компанија што се занимава со трговија на месо и месни производи, останува локомотива со 6,3 милиони евра и годишно зголемување од 22,32 насто во однос на 5,1 милион во 2023 година, што говори за зацврстен пазар.

    ПЛАНТ–МИКС ДООЕЛ увоз–извоз Сопиште е специјализирана агрохемиска компанија и додава силен агротон со 1,5 милиони и раст од 26,59 насто, а туристичката агенција МАКЕДОНИЈА ТРАВЕЛ ДОО Сопиште се искачува на третото место со 881,5 илјади евра, покажувајќи дека туризмот може да цвета и од мала општинска база.

    Во вториот дел од табелата за приходи, со своето производство на леб, свежи печива и слатки ‒ БРЕДВЕЈ 2020 успешно расте за над 100 насто во однос на 2023 година, што практично го удвојува прометот.

    Единствена забелешка е падот на приходите кај иЦ консултентен Цивилтехникер ГезмбХ Австрија – Подружница Северна Македонија (‒ 5,15 %), но сепак прометот изнесува над 633 илјади евра.

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ПРИХОДИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    АПСОЛУТЕН ЛИДЕР ПО ДОБИВКА Е СОВЕТОДАВНА КОМПАНИЈА

    Профитната карта е уште поилустративна. иЦ консултентен Цивилтехникер е апсолутен лидер со 457,1 илјади евра за 2024 година и раст од 25,89 насто на годишно ниво, што значи дека инженерингот и советодавноста носат висока додадена вредност. Но, приказната на годината е КИКСАН ГЕЈМИНГ ДООЕЛ Сопиште, од 15,9 илјади евра во 2023 година на 295,4 илјади во 2024 година, скок од 1.747 насто, што ретко се гледа.

    Трето и четврто позиционирани се ИТАЛМАК–КЈ и ЕРДАС–И ОПЕРАТИВА, кои стојат стабилно над 200 илјади евра профит, додека МЕТАЛКАТ ТЕХНОЛОЏИ ја удвојува профитабилноста со раст од 130,87 насто.

    На другата страна од спектарот, иако ПЛАНТ–МИКС е втора по приходи, во табелата за добивка е шеста и бележи пад од 35,52 насто, но останува на солидни 101,4 илјади евра.

    БРЕДВЕЈ 2020 е на последното место, но има голем раст на профитот ‒ 193,44 насто, а добивката на оваа компанија за 2024 година изнесува 57,2 илјади евра.

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВЕЦ Е ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА

    Работните места растат побавно од приходите и добивките, но сепак растат. Топ 10 компаниите во 2024 година вработуваат 121 лице, што е раст за 7 насто (наспроти 113 вработени лани). Најголем работодавач е домот за стари лица ШЕЛТЕР ДОМУВАЊЕ – РЕЗИДЕНЦИЈА ДАБЕСКИ Ракотинци со 33 лица (иако со пад од 10,81 насто наспроти 2023 година), што говори дека социјалните дејности носат реална локална економија и работа, а не само промет.

    ЈАФА ПРОМЕТ и СОНЧЕВ ДОМ ТОДОРОВСКИ држат по 13 вработени, додека ПАНОРАМА прави скок во вис од 2 на 9 лица, раст од 350 насто ‒ најостар раст во групата.

    БРЕДВЕЈ 2020 и УНИВЕРЗАЛ ГРУП го удвојуваат кадарот по 60 насто, а МЕТАЛКАТ ТЕХНОЛОЏИ порасна на 10 вработени (+ 11,11 %). Истовремено, ИЗО–ПРОГРЕС Димитрија бележи благ пад (‒ 10 %).

    ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ВРАБОТЕНИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    Општина Сопиште е пример како малите локални средини можат да изградат стабилна и разнолика економска основа. Динамиката не е концентрирана само во една гранка, напротив, трговијата, агро-секторот, инженерингот, туризмот и социјалните услуги заедно ја кројат економската приказна. Општината не се потпира само на еден мотор, туку ја распоредува енергијата во повеќе сектори.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично