
Европа повторно се соочува со познат притисок – раст на цените на енергијата, што директно ги погодува и домаќинствата и индустријата. Со новата нестабилност на Блискиот Исток, цените на горивата повторно растат, а европските власти предупредуваат дека најлошото можеби допрва доаѓа.
Додека владата на Обединетото Кралство повикува на смиреност, Европска комисија веќе препорачува граѓаните да работат повеќе од дома и да го намалат патувањето. Сценариото потсетува на кризата по руската инвазија врз Украина, кога енергијата стана клучен двигател на инфлацијата и трошоците за живот.
Во вакви услови, повторно се отвора прашањето за енергетската независност на континентот и улогата на нуклеарната енергија како дел од решението.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека Европа станала „ранлива“ поради зависноста од увоз на фосилни горива. Денес, повеќе од 50% од енергијата што ја користи континентот доаѓа од увоз, главно нафта и гас што ја прави Европа чувствителна на геополитички шокови, како актуелните случувања околу Ормутскиот теснец.
Истовремено, разликите меѓу земјите се јасно видливи. Шпанија, која инвестираше во обновливи извори, очекува значително пониски цени на струјата од Италија, каде што гасот доминира. Франција, која добива околу 65% од електричната енергија од нуклеарни централи, има далеку пониски цени од Германија, која се откажа од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима и сега е силно зависна од гас.
Токму Германија веќе ги чувствува последиците, економските институти ја преполовија прогнозата за раст на само 0,6% во 2026 година, поради растечките трошоци за енергија.
Во меѓувреме, низ Европа се забележува нов бран интерес за нуклеарната енергија. Италија разгледува укинување на долгогодишната забрана, Белгија го менува курсот, Шведска се откажува од старите политики, а Велика Британија најавува поедноставување на регулативата за нови проекти. Францускиот претседател Емануел Макрон отворено ја промовира нуклеарната енергија како клуч за енергетски суверенитет и декарбонизација.
Сепак, експертите предупредуваат дека нуклеарната енергија не е брзо решение. Изградбата на нови реактори трае со години, често се соочува со одложувања и високи трошоци, а прашањата за безбедност и нуклеарен отпад остануваат отворени.
Дополнителен ризик е зависноста на дел од европските земји од руска нуклеарна технологија и ураниум, додека еколошките организации предупредуваат дека прекумерниот фокус на нуклеарната енергија може да го забави развојот на обновливите извори.
Како потенцијално решение, Европската Унија сè повеќе се насочува кон мали модуларни реактори (SMR), кои се поевтини и побрзи за изградба. Брисел веќе претстави инвестициски пакет од 330 милиони евра, со цел оваа технологија да стане реалност во 2030-тите. Сепак, овие реактори сè уште не се комерцијално докажани, а во ЕУ досега нема издадени дозволи за нивна изградба.
Паралелно, се вложуваат напори и во развој на нуклеарна фузија, но тоа останува долгорочна амбиција.
Во меѓувреме, Европа и натаму останува зависна од увоз на фосилни горива, што значи дека сегашната криза нема брзо решение. Нуклеарната енергија се наметнува како дел од иднината – но не и како одговор на сегашните ценовни шокови, со кои граѓаните веќе се соочуваат.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








