Зохран Мамдани, пратеник во парламентот на државата Њујорк, по потекло од Квинс, од Демократската партија, има убедливо водство на демократските прелиминарни избори во Њујорк. Изборите, чијшто дефинитивен исход ќе биде познат дури по два дена, беа тест за Демократите, за една така престижна позиција каква што е фотелјата на градоначалник на „Големото Јаболко“, мултимилионскиот град Њујорк, по поразот од Доналд Трамп на националните избори.
Мамдани, 33-годишен самодеклариран социјалист од редовите на Демократската парија, водеше со околу 92% од гласовите. Тој им рече на своите поддржувачи: „Јас ќе бидам вашиот демократски кандидат за градоначалник на Њујорк“.
Мамдани ја помина вторничката вечер по изборите во руф-топ бар во Лонг Ајленд, симболично соодветно место за прогресивниот кандидат на генерациските врсници, таканаречените Милениумци, кој успеа да ги освои помладите демократи во Њујорк.
Поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, му се јавил на противкандидатот за да му честита на победата на прелиминарните избори за градоначалник на Њујорк на Демократската партија. Куомо им рече на своите поддржувачи дека Мамдани победил и дека неговата кампања „ќе разгледа и ќе донесе некои одлуки“.
Трката официјално ќе биде решена со рангирано гласање откако ниту еден кандидат не доби 50% во првиот круг од пребројувањето.
КАКВИ СОЦИЈАЛНИ ПОТЕЗИ НАЈАВИ МАМДАНИ?
Неговата кампања за градоначалник се базира на намалување на трошоците за живот за широката популација на Њујорчани. Неговите препознатливи ветувања се замрзнување на кириите за поевтини станови, бесплатни градски автобуси и грижа за деца, создавање продавници за храна во сопственост на градот и подобрување на социјалното домување преку изградба на 200.000 станови со прифатливи цени.
Во својата политичката програма Мамдани вели дека планира да го плати тоа со зголемување на корпоративниот данок и оданочување на најбогатите со фиксен 2%.
Мамдани, 33-годишен демократски социјалист, некогаш се сметаше за „темен коњ“, односно неочекувано изненадување во оваа трка. Оттогаш тој се искачува на анкетите, а барем една од нив го покажуваше како рамо до рамо со поранешниот гувернер Ендру Куомо, чијшто углед е во сенка на скандалите за сексуално вознемирување на повеќе жени.
Критичарите велат дека Мамдани е премногу неискусен и идеалист, но несомнено успеал да ја поттикне базата со својата успешна и прогресивна платформа на социјалните медиуми.
„Она што го нудиме е визија да ги задржиме њујорчаните на местото што го нарекуваат дом и противотров на администрацијата на Трамп и омразата и поделбата што таа ја шири“, рече Мамдани. „Им покажуваме на луѓето дека надежта не е нешто наивно. Всушност, таа е праведна кога е изградена врз план и визија. Му покажуваме на градот Њујорк дека е можен подобар ден, а денес е првиот од многуте нив.“
Мамдани е поддржан од пратеничката Александра Окасио-Кортез, сенаторот Берни Сандерс и Партијата на работничките семејства. Демократите низ целата земја ја следат оваа трка, а особено овој кандидат, бидејќи ако Мамдани успее на еден од првите избори откако Доналд Трамп се врати на функцијата, тоа би можело да ѝ сигнализира на партијата за каков тип кандидат се гладни демократските гласачи.
Тој и Ландер, исто така, се поддржаа еден со друг во обид да спречат победа на Куомо.
Неговиот округ на државното собрание ги вклучува Асторија и Лонг Ајленд Сити.
(Фото: Ал Џазира)