ПОВЕЌЕ

    СО ТЕМПЕРАТУРИТЕ РАСТАТ И ЦЕНИТЕ: Јунската понуда на туристичките агенции атрактивна и покрај поскапувањата

    Време зa читање: 8 минути

    Летото е на прагот, а судејќи според интересот за туристичката понуда за летување, но и на цените, јуни веќе може да се смета за висока туристичка сезоона.

    Порталот „Пари“ ја разгледа летната туристичка понуда која, практично, почнува на крајот од пролетта, со првите денови на месецов. Се интересиравме за јунските пакет аранжмани преку туристичките агенции, но голем дел од нив се веќе продадени, затоа што за нашите сограѓани шпицот на сезоната веќе станува јуни кога има и пониски цени, но и попријатна темпратура. Сепак, од увидот во делот од понудата може да се забележи дека цените на аранжманите, главно се барем за 20-ина проценти повисоки од ланските цени за предсезонски туристички аранжмани, посебно за Грција. 

    Туристичката агенција Fibula, специјализирана за туристички патувања во Турција, за почетокот на летото нуди SUPER EARLYBIRD попусти до 60% за аранжмани во Анталија, со директни летови од Скопје. Понудите вклучуваат 6 до 14 ноќевања со вклучен трансфер од аеродромот.

    Областа Анталија ја нарекуваат и “Бисер на Медитеранот”, преполна со антички градови, море, сонце, плажа, шума – сето ова со над 300 сончеви денови годишно. Освен градот Анталија, тука се и местата Сиде, Кемер, Алања, Белек и Лара.

    Од понудата на агенцијата Фибула издвојуваме опција пакет аранжмани со 6 ноќевања кои се движат од околу 400 па до 1.000 евра по лице. Така, во LRS Lake & River Side Hotel & Spa во Сиде, близу до плажа и со спа центар по цена од 513 € по лице за услугата All Inclusive Plus. Во цената е вклучен чартер лет од Скопје, трансфер и сместување. 

    Во Catamaran Resort Hotel во Кемер цената за сместување е од 564 € по лице за услуга All Inclusive Plus и во неа исто така е вклучен чартер лет од Скопје, трансфер, сместување. Лоциран е во Кемер, со приватна плажа и бројни активности.

    Fibula Air Travel нуди продолжени аранжмани со 14 ноќевања, исто така со авионски превоз. Во хотелот Susesi Luxury Resort во Белек луксузен ресорт со голф терени и спа центар, сместувањето на принципот All Inclusive Plus чини од 1.277 € по лице. Во Seven Seas Hotel Blue во градчето Сиде семеен хотел кој нуди бројни активности, цената се движи од 783 € по лице за All Inclusive Plus со вклучен чартер лет од Скопје, трансфер, сместување.

    Агенцијата JK Travel нуди аранжмани за: Грција, Турција – Кушадаси, Анталија, Бодрум, како и Кипар, Египет, Тунис, Шпанија, Хрватска, Србија, Црна Гора, со сопствен закуп, хотели, апартмани на барање.

    Апартмани ЈК Јониан-П на Јонското море одд 4 јуни чинат 188 евра. Цена на превоз по лице со Врахос е 70 евра. Од 11 јуни е 233 евра, од 18 јуни е 287 евра, а од 25-ти јуни изнесува 341 евро за наем на апартманот. Четворокреветниот апартман Блу Сарти, на вториот крак на Халкидики, од 7 јуни чини 371 евро за 7 дена, од 14.6. Цената е 399 евра, од 21 јуни е 473, а од 28-ми јуни е 548 евра за наем без превоз.

    Во Неи Пори, наем на двокреветна соба во вилата Адонис од 7 јуни чини 232 евра, трикреветна соба во истиот објект за истиот датум ќе ве чини 269 евра, додека петкреветен апартман чини 334 евра и тоа е единствениот слободен термин за јуни во овој објект. Агенцијата нуди и превоз до Неи Пори, по цена од 45 евра за лице.

    Во вилата Спирос во Агиос Никитас на островот Лефкада се нуди сместување во двокреветна соба во распон од 129 евра за терминот од 4 јуни до 369 евра за терминот од 25 јуни. Превозот до Лефкада со автобус во организација на агенцијата чини 70 евра по лице.

    Се нуди и апартманско сместување во бисерот на албанската ривиера, Ксамил, каде што седумдневен наем на трокреветна соба во вила Бушати се движи од 206 евра за терминот од 7 јуни па до 323 евра за последниот јунски термин од 28 јуни. Организиран е и автобуски превоз кој чини 70 евра по лице.

    Во јунската понуда на ЈК Травел се најде и атрактивниот Тунис, кој е застапен со 6-дневни, 9-дневни и 13-дневни аранжмани, сите со датум на поаѓање 9 јуни. Шестдневен престој по соба, со вклучен авионски превозна пример, во Chich Khan Hotel во Хамамет,  чини 965 евра, во Occidental Sousse Marhaba чини 1.263 евра, додека во некој од полуксузните ресорти со пет ѕвездички, како на пример Hilton Skanes Monastir Beach Resort истиот шестдневен аранжман ќе чини 2.480 евра.

    Aurora Tours нуди директни чартер летови до медитерански дестинации со можност за 7, 10, 11 и 14-дневни аранжмани по поволни цени. Веќе традиционално, дел од понудата на оваа агенција е и Египет со Хургада. Сместувањето што се нуди е во хотели со четири и со пет ѕвездички, од поекономичните, како Royal Star Beach Resort, Lotus Bay Beach Resort, Bella Vista Resort, King Tut Aqua Park Beach Resort,  па до оние полуксузните како Titanic Royal, ALBATROS Dana Beach Resort, Iberotel Makadi Beach или пак Serry Beach Resort.

    За месец јуни за пакет аранжман со шест ноќевања, во кој е вклопен престој во стандардна соба во некој од хотелите, како и авионски превоз и трансфер, треба да се издвојат од 1.132 до 2.692 евра, по соба, со услуга на база на All Inclusive.  

    Истата агенција во својата понуда ја има и Шпанија, за каде во јуни, во Коста Брава, пакет аранжман кој вклучува престој во хотел на база на полн пансион, со авионски превоз и трансфер од Барселона, по соба, во зависност од категоријата на сместувањето, чини од 1.176 евра во хотелот H Top Summer Sun, со три ѕвездички, па до 1.695 евра за хотелот со четири ѕвездички L Azzure.

    Pilot Travel има понуди за летување за Грција, Црна Гора, Кипар, Турција, Египет. За атрактивниот Кипар, понудата содржи сместување во хотели со четири и со пет ѕвездички. Во монденското летувалиште Агиа Напа, стандардна хотелска соба за двајца во хотелот Grecian Sands Hotel во јуни чини од 177 евра на ден, со вклучен појадок, во Atlantica SunGarden Beach еден ден на база на All Inclusive ќе чини 220 евра додека пак полупансион во Atlantica Mare Village Ayia Napa изнесува од 243 евра за ден. Понудата за All Inclusive престој во Atlantica Sea Breeze со четири ѕвездички во Протарас, чини од 225 евра.

    Во понудата на оваа агенција е застапено и Црногорското Приморје. Така, престој во хотелот Аквариус во Будва со три ѕвездички,  за едно ноќевање во месец јуни, со појадок чини 52 евра за две лица, додека пак за истата услуга во хотелот Tre Canne 4+* во Будва треба да се издвои од 309 до 626 евра дневно. Во Чањ, во хотелот Depadance Vesna 3* полупансион за двајца со сместување во стандардна двокреветна соба чини 74 евра на ден. Во истото место, во хотелот Монтенегро, со категорија 4 ѕвезди, истата услуга ќе ве чини 93 евра. 

    Atlantis има богата понуда за лето 2025, вклучувајќи го Халкидики, островите Тасос и Скијатос во Грција сопствен закуп на вили и апартмани, со или без превоз, Шпанија (Коста Брава), хотели во Лорет де Мар, Калела, Санта Сузана, Анталија со чартер програма, Албанија со апартманско сместување со превоз.

    „Вила Павлос“ кај градот Скијатос на истоимениот остров, која е нова и модерна, а во дворот има базен кој може бесплатно да го користат гостите е дел од понудата на Атлантис за ова лето, со можност за сопствен закуп или пакет аранжман со автобуски превоз.  Првата плажа е на 3 минути пешачење, но таа плажа е мала и не е организирана. За седум дена во јуни месец, со вклучен превоз, сместувањето во оваа вила чини од 147 до 233 евра по лице, во зависност од терминот на поаѓање.

    Во Вила Аргири, во Скала Потамиас на островот Тасос наем на двокреветна соба со вклучен превоз во текот на јуни чини од 189 до 359 евра, во зависност од терминот на поаѓање.

    Во моментов е актуелна Last Minute понудата на агенцијата Атлантис за Скијатос, за терминот 05.06 – 12.06.2025. Во Вила Zoi 2 трокреветно студио чини само 130€ по лице со автобуски превоз, во Вила Pavlos трокреветно студио изнесува 162€ по лице, во Хотел Belvederе седум ноќевања со вклучен појадок изнесува 177€ по лице со автобуски превоз, додека пак во вила Elegant четворокреветно студио со појадок чини 183€ по лице, со превоз.

    Југослава Дуковска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    Каменимост комуникации и без вработени има профит од 20 милиони евра

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично