Најголемиот акционер ја зголеми сопственоста во „Македонијатурист“ – Доне Таневски купил уште 3.199 акции. Со тоа неговиот удел во хотелско-угостителската компанија е 22,21 процент.
И платите во обложувалниците и коцкарниците се „игра на среќа“
За промената од „Македонијатурист“ информираат преку Македонска берза. Во информацијата се вели:
„Согласно член 34 алинеја 7 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека Доне Таневски, претседател на Надзорен одбор на Македонијатурист АД Скопје, се стекна со 3.199 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје и сега поседува 100.448 обични акции, односно 22,21%“.
Веројатно, акциите се купени преку пет блок трансакции реализирани во првата седмица од месецов. Се работи за вкупно 4.331 акција. На петти јуни имало три блока со 1.166, со 548 и со 450 обични акции. А, на седми јуни – два, од 1.152 и од 1.015 акции. Притоа, двата најголеми пакети се пресметани по единечна цена од 6.500, а останатите по 6.300 денари.
Таневски во континутет ја зголемува сопственоста во фирмата со која е поврзан повеќе децении. Пред речиси еден месец преку две блок трансакции купи 8.667 акции. Тогаш за акција платил по 6.150 денари.
Освен Таневски, кој лани се повлече од директорската позиција во „Македонијатурист“, акционери со повеќе од пет проценти се и Соња Бибановска, со 50.953 акции или 11,267 %, како и отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиско друштво со 39.789 акции, односно 8,798 %. Ова, според податоците од годишниот извештај за работењето во 2023.
Друштвото има издадено 452.247 обични акции со номинална вредност од 25,56 евра, кои се во сопственост на 610 акционери.
Актуелната директорка на „Македонијатурист“ и претседателка на Управниот одбор, Мирјана Таневска Ефремова, има 436 акции (0,096 %). Исто така, според годишниот извештај, меѓу членовите на органите на управување акционери се Илија Тренески од УО кој има 105 акции (0,023 %), како и Владо Богдановски од Надзорниот одбор со 1.200 акции (0,265 %).