ПОВЕЌЕ

    Со довербата од клиентите и деловните партнери Комерцијална банка поставува нови стандарди во банкарството – видео обраќање на Маја Стевкова Штериева

    Време зa читање: 5 минути

    Одговорното и одржливо работење, ефикасното управување со ризиците и постојаното унапредување на вредноста за клиентите, акционерите и за сите засегнати, потврда наоѓаат во остварените резултати. За минатогодишните постигнувања на Комерцијална банка, за новите производи и иновативните дигитални услуги и за придонесот кон заедницата, во своето видео-обраќање говори главниот финансов директор и член на Управниот одбор, д-р Маја Стевкова Штериева.

    „Минатата година беше исполнета со динамични промени и значајни предизвици, но и со можности што нѐ поттикнаа да бидеме поиновативни и уште поблиску до нашите клиенти и деловни партнери. Преку инвестиции, дигитални иновации и силна посветеност на потребите на клиентите, во изминатата година успеавме да постигнеме исклучителни резултати и да си поставиме јасна визија за уште поголем напредок во иднината“, вели на почетокот Стевкова Штериева.

    Осврнувајќи се на условите во кои се одвивале деловните активности, проследени со високата доверба од страна на клиентите, главниот финансов директор ги образложува силните финансиски перформанси.

    „Задоволство ми е што можам да кажам дека 2024 година беше уште една успешна година за Kомерцијална банка, во која Банката оствари нето-добивка во износ од 4.924,8 милиони денари, што претставува рекорден годишен раст раст од 37,5 проценти. Нето-добивката е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, при што домашната економија забележа одредена стабилизација во однос на кризните периоди кои претходеа. Тоа придонесе за поттикнување на инвестицискиот циклус во реалниот сектор, во чија поддршка Банката учествуваше преку зголемен обем на кредитирање, при што кредитите дадени на комитенти достигнаа 72.975,1 милион денари. Дополнително, високата ликвидност со која располага Банката беше искористена за прудентно димензионирање на структурата на активата и пласирање средства во инструменти со помал ризик, но со задоволителен принос.

    Исто така, како резултат на укажаната висока доверба од страна на штедачите и депонентите, Банката оствари значителен пораст на депозитите од комитенти кои достигнаа 153.402 милиони денари и забележаа пораст од 7,6% во споредба со 2023 година.

    Приходите на Банката во 2024 година достигнаа 8.896,3 милиони денари и бележат зголемување од 25,9% во однос на минатата година, така што може да се каже дека растот на приходите пет години по ред ги одразува силните перформанси на работењето на Банката.

    Стапката на поврат на капиталот на 31 декември 2024 година изнесуваше 23,6%, додека стапката на вкупната актива достигна 2,8%.

    Важен показател за нашата финансиска сила е и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува 19,26%, што овозможува поддршка за идниот раст на Банката во услови на континуирано зголемување на вкупните регулаторни барања.

    Дивидендата која ќе се исплати за 2024 година изнесува 1.250 денари по акција и е зголемена во однос на 2023 година.

    Овие резултати не се само бројки – тие се доказ за нашето одговорно и одржливо работење, ефикасно управување со ризиците и постојано унапредување на вредноста за клиентите, акционерите и за сите други засегнати страни“.

    Неизоставен дел од активностите на Банката се модернизацијата и дигиталната трансформација, но и грижата за заедницата.

    „Во 2024 година, Комерцијална банка се истакна како сигурен и иновативен партнер. Продолживме да инвестираме во дигиталната трансформација, следејќи ја визијата за модерно, ефикасно и достапно банкарство. Нашата крајна цел не е технолошката иновација сама за себе, туку создавање високо квалитетно корисничко искуство кај клиентите.

    Како и секогаш, и во 2024 година силно се држевме до нашата определба за придонес кон заедницата и поттикнување на напредокот на општеството. Преку нашата корпоративна одговорност вложивме повеќе од 43 милиони денари во општествено одговорни проекти. Со нашата поддршка придонесуваме за подобро јавно здравство, поквалитетно образование и грижа за децата и за лицата со посебни потреби, поголема заштита на животната средина, одржлив развој, развој на културата и на спортот“.

    Достигнувањата се забележливи, а тоа на Комерцијална банка досега ѝ има донесено бројни награди и признанија.

    Истакнатите финансиски перформанси и целокупниот придонес за економијата и за заедницата на Комерцијална банка ѝ донесоа и бројни награди во 2024 година. Со гордост по 11-ти пат ја примивме престижната награда „Банка на годината во Република Македонија“ од реномираниот магазин The Banker. По 13-ти пат бевме прогласени и за „Најдобра банка во Македонија“ од магазинот Global Finance. Со четири престижни годишни награди од Македонската берза ја зацврстивме позицијата на лидер на пазарот на хартии од вредност во земјата. Овие признанија се дополнителен поттик и одговорност да продолжиме со иновациите, унапредување на услугите и на можностите за нашите клиенти“.

    Главниот финансов директор, Маја стевкова Штериева во името на Управниот одбор изрази благодарност до сите чинители на успехот на Комерцијална банка – до членовите на Надзорниот одбор, менаџментот и до сите вработени за нивната посветеност и професионалност. „Особена благодарност изразувам до клиентите и до деловните партнери за довербата што ни ја даваат и што нѐ поттикнуваат да продолжиме да растеме и да поставуваме нови стандарди во банкарството“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично