ПОВЕЌЕ

    СО ДОВЕРБА СЕ ИНВЕСТИРА ВО СОПСТВЕНАТА КОМПАНИЈА: Менаџментот на „Алкалоид“ купи 1.169 акции

    Време зa читање: 2 минути

    Петмината членови на Управниот одбор на „Алкалоид“ купија 1.169 обични акции. Со петте ценовно чувствителни информации споделени преку Македонска берза, менаџментот упати и сигнали до инвеститорите за стабилноста и перспективноста на фармацевтската компанија што ја раководат.

    Генералниот директор, Живко Мукаетов, во сопственост има дополнителни 469 акции. Со тоа го зголемил сопственичкиот удел на 9,12 проценти. Во извештајот за промена на сопственост на член на Управниот одбор и лица со посебни одговорности и овластувања е наведено:

    „Известуваме дека Живко Мукаетов, Претседател на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, се стекна со 469 обични акции издадени од Алкалоид АД Скопје, со што поседува вкупно 130.500 или 9,12% од вкупниот број акции“.

    Слична е содржината и на другите четири известувања. По 200 обични акции стекнале тројца членови од Управниот одбор: директорот на Финансии, Виктор Стојчевски; директор на Службата за општи работи, Ќире Ицев; и директорот на Акционерство и имотни прашања на компанијата, Ѓорѓи Јованов. Оливера Панева, која во „Алкалоид“ е одговорна за обезбедување квалитет и за интегрираниот менаџмент-систем на корпоративно ниво, се стекнала со 100 акции.

    Зајакнувањето на акционерските позиции во „Алкалоид“ од страна на менаџментот, прво годинава, уследи по успешно остварените минатогодишни деловни активности. Во текот на 2024, членовите на Управниот одбор во неколку наврати купуваа хартии од вредност издадени од компанијата.

    Нема информација по која цена се реализирани трансакциите, но и покрај црвенилото што ги зафати берзите, вклучително и домашната, акцијата на „Алкалоид“ е меѓу најтргуваните. Според денешната официјална берзанска листа, просечната вредност е 26.501,62 денари, а забележан е дневен раст од 0,88 проценти.

    Во текот на минатата година оваа акција се движеше во распон од 18.151 до 29.000 денари, со годишен просек од 22.376,45 денари. Според податоците од компанијата, на крајот од 2024 акциите биле во сопственост на 5.945 акционери, физички и правни лица. Во тој период пазарната капитализација на „Алкалоид“ беше 657 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично