За првпат по неколку децении, Град Скопје со донација од Халкбанк целосно ќе ги реконструира сите 19 пешачки мостови во вториот дел од Градскиот парк.
Обновата на мостовите почна денеска и ќе опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни дрвени материјали отпорни на климатски влијанија, премачкување на металните површини со боја што овозможува заштита од корозија, поставување рампи за велосипедисти и лица со посебни потреби и други зафати кои ќе ги направат овие мостови побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави. Активностите за обнова на мостовите се очекува да завршат за два месеца.
“Ваква реконструкција на сите мостови одеднаш не е направена никогаш досега. Упатувам голема благодарност до Халкбанк како општествено одговорна компанија којашто излезе во пресрет на Градот Скопје за да ја спроведеме заеднички оваа акција. Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме да уживаат во Градскиот парк, а кога ќе преминуваат преку овие мостови да се чувствуваат безбедно. Скопје е град што вложува во својот развој и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, а животот ќе мора да продолжи. Да го дочекаме продолжувањето на животот со што подобра инфраструктура и во Градскиот парк и на нашите улици” – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи за обнова на мостовите во Градскиот парк.