Со средства во износ од околу 580.000 евра ќе се изградат четири нови училници во ОУ „Коле Неделковски, кои ќе бидат готови до почетокот на идната учебна година. Проектот, чија реализација се означи денес, целосно се финансира од буџетската каса на Општина Центар. Се работи за прв ваков зафат по 65 години откако постои училиштето.
„Од училишните клупи се излезени низа успешни генерации. Ова училиште се покажа како едно од основните училишта со модерна и квалитетна настава за образување и воспитување на децата. Денес, кога постојните 708 ученици се образуваат во 20 училници, започнува изградба на нови дополнителни четири училници во кои ќе се образуваат уште 100 нови деца“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на одбележувањето на почетокот на градежните активности.
Со ова ќе се подобрат просторните услови за организација на наставата.
„Веќе се планира и проширување на влезот и правење паркинг место. Исто така, училиштето ќе биде изградено по најновите стандарди, на прозорците ќе бидат поставени прозорци со нано филтри за обезбедување почист воздух за децата. Затоа што училиштето навистина е сместено во најцентралното градско подрачје, со голема фреквенција на сообраќај, предвидени се уште еден влез во училиштето и лифт за деца со посебни потреби“, посочи премиерот.
Воедно, потсети дека преку Министерството за образование и наука во изминатиот период од пет и пол години се реконструирани 120 училишта, од кои 21 само годинава. Во Куманово е изградено комплетно ново средно училиште, а во тек се реконструктивни активности во 15 други училишта ширум државата.
Преку Проектот за унапредување на основното образование, предвидена е реконструкција на санитарните јазли и изградба на пристапни рампи за ученици со попреченост во 118 училишта. Во 40 училишта овие активности се веќе започнати.
„Исто така, во тек се подготвителни активности за поставување фотоволтаици во училиштата со поддршка од Банката за развој при Советот на Европа, во износ од 1.100.000 евра, со што ќе се обезбедат заштеди за потрошувачката на енергија и заштита на животната средина, а заштедите ќе останат за училиштата кои ќе можат да ги искористат за унапредување на својата настава“, нагласи Ковачевски.