Во текот на 2024 година, во Македонија се евидентирани вкупно 757 бесправно изградени објекти. Најголемиот дел од нив – 93,8 проценти се во приватна сопственост покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Најмногу дивоградби – 151 објект или речиси 20 отсто се објекти за домување. Од нив, 135 се исклучиво станбени, а останатите се куќи за одмор и рекреација (8) или комбинирани со станбена и со деловна намена (8).
Во структурата на нелегалната градба влегуваат и 99 доградби, надградби и адаптации (13,1%), 77 деловни објекти (10,2%), 49 гаражи (6,5%), 147 огради (19,4%), 93 натстрешници (12,3%), како и низа други мали, но значајни елементи – скалила (8 или 1,1%), тераси (14 – 1,8%), летни тераси (20 – 2,6%) и времени објекти (26 – 3,4%).
Со овие бројки 2024 влегува во редот на годините со послаба градежна активност во сивата зона. Статистичките податоци покажуваат дека состојбата била најалармантна во 2016 година, кога на територијата на државата биле регистрирани 1.037 дивоградби, од кои 203 за домување. Во последните осум години, најмалку на диво се градело во 2022 година, кога без потребните дозволи никнале 662 објекти, меѓу кои 111 станбени. Или, од 2016 и заклучно со 2024 година, во Македонија се евидентирани 7.243 нелегални градби. Станбени се 1.492 зданија.
Само на територијата на Скопје во тој период се изградени 235 објекти, со исклучиво станбена намена. Па, кога ќе се земе предвид како се градат и кои сѐ дозволи и проверки се заобиколени, сосема станува јасно зошто се ризични по безбедноста на граѓаните.
Дивоградбите создаваат хаос во урбаната инфраструктура и вршат огромен притисок врз јавните услуги – водоснабдување, канализациска мрежа, струја и пристапни патишта… А, самиот податок дека речиси 94 отсто од сите видови диви објекти се во приватна сопственост ја покажува големата толеранција на надлежните и слабиот институционален капацитет за справување со оваа масовна појава.