ПОВЕЌЕ

    СЛОБОДЕН ПЕТОК ИЛИ ПОКРАТОК РАБОТЕН ДЕН: Словенија воведува модел на скратено работно време за повозрасни вработени

    Време зa читање: 3 минути

    По примерот на Исланд, Ирска и Германија, Словенија планира да воведе значајни промени на пазарот на трудот од 1 јануари 2026 година, меѓу кои се издвојува нов модел на скратено работно време за постари работници.  Законот што моментално се подготвува ќе донесе олеснувања за младите, студентите и пензионерите, како и дополнителни бенефиции за невработените.

    Според најавените измени, работниците над 58 години, како и оние со најмалку 35 години стаж, ќе можат да избираат помеѓу скратен работен ден од шест часа, слободен петок или продолжен викенд.

    Овие бенефиции се базираат на моделот 80-90-100 – 80% од работното време, 90% од платата и 100% од платените придонеси, кој веќе даде добри резултати во земјите каде што е имплементиран. Целта е да се подобри продуктивноста и задоволството на вработените, а во исто време да се намали отсуството од работа.

    Пилот-проектите спроведени во словенечките технолошки компании покажаа дека овој вид систем функционира и локално, според Министерството за труд предводено од Лука Месец од Левичарската партија.

    Покрај тоа што предвидува зголемување на бенефициите за невработените и учесниците во јавни работи, како и полесен пристап до пазарот на трудот за млади, студенти и пензионери, законот ќе им овозможи и на работниците кои се приближуваат кон пензионирање да ги скратат своите работни обврски, објавува Nova.rs.

    Ова го потврди Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности за словенечките медиуми, а се подготвуваат и подзаконски акти кои ќе овозможат спроведување на овие нови правила.

    Моделот наречен 80-90-100 се базира на искуствата на Исланд, Ирска и Германија, каде што слични модели доведоа до позитивни резултати: поголема продуктивност, помалку отсуство од работа и подобра ефикасност.

    До крајот на 2028 година, можни се и дополнителни промени: надомест за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени и воведување на 38-часовна работна недела.

    Како дел од првата фаза од законските измени, се предвидуваат дополнителни мерки. Од 2026 година, невработените во Словенија ќе добиваат повеќе пари преку бенефиции. Максималниот износ што невработените ќе го добиваат во текот на првите три месеци по престанокот на работниот однос ќе изнесува 130 проценти од просечната бруто минимална плата, која моментално надминува 1.660 евра. Доколку не најдат работа ниту по три месеци, следува надомест од 110 проценти, потоа 100 проценти, и конечно 70 проценти од просечната бруто минимална плата.

    Значајни промени и зголемувања се предвидуваат за учениците, студентите и учесниците во јавните работи. Тие ќе имаат повисоки минимални часовни плати и подобри услови за работа. Планирани се и посебни стимулации за вработување на лица над 59 години, до 40 проценти од месечната нето надомест. Оваа категорија граѓани ќе има право на повеќе дозволени часови повремена и привремена работа.

    За пензионерите, месечното ограничување на работата се зголемува од 60 на 85 часа, што пропорционално го зголемува максималниот годишен приход што можат да го заработат по таа основа.

    На донесувањето на овој закон му претходеа долгорочни преговори со социјалните партнери, но законот конечно беше донесен по итна постапка, бидејќи неговото донесување беше поврзано со повлекување на 140 милиони евра од европските фондови.

    Сепак, Министерството за финансии, предводено од долгогодишниот менаџер и поранешен директор на Адрија ервејс, Клемен Боштјанчич, изрази резерви во врска со финансискиот товар што го носат овие мерки.

    Вкупните трошоци за државниот буџет се проценуваат на над 40 милиони евра, па затоа подзаконските акти што го регулираат пазарот на трудот ќе се донесуваат постепено, до крајот на 2028 година – ако дотогаш преживее левичарската влада.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично