ПОВЕЌЕ

    Славески ја презеде функцијата и одговорноста за раководење со Народната банка

    Време зa читање: 2 минути

    На д-р Анита Ангеловска-Бежоска и заврши, на д-р Трајко Славески му започна седумгодишниот мандат како гувернер на Народната банка, каде што се одржа официјалната церемонија на примопредавање на функцијата.

    Во своето обраќање, д-р Ангеловска-Бежоска истакна дека изминатите години биле период на силни реформи, модернизација и одржување на макроекономската стабилност, дури и во време на сериозни светски предизвици. Таа изрази благодарност до вработените во Народната банка за нивната исклучителна посветеност, професионалност и за нивниот придонес во унапредувањето на институцијата, за што потврда се високите оценки од меѓународните финансиски институции. Исто така, таа му го честита мандатот на новиот гувернер и му посака успеси во остварувањето на законски дефинираните цели на Народната банка, како професионална, независна и кредибилна институција.

    Д-р Трајко Славески, новоизбраниот гувернер на Народната банка, истакна: „Преземањето на функцијата гувернер ја носи со себе големата одговорност за водење на една од најважните институции во земјата. Ќе се залагам за натамошно зајакнување на стабилноста на макроекономското и финансиското опкружување, со политики коишто се темелат на професионалност, аналитичка аргументираност и транспарентност. Ќе работам посветено на јакнење на довербата на јавноста и на меѓународните партнери во Народната банка, градејќи визија којашто им одговара на предизвиците на современото време и на потребите на нашата економија.”

    Универзитетскиот професор Трајко Славески е шестиот гувернер на Народната банка, изгласан завчера од парламентарното мнозинство. Свечената изјава ја даде вчера, по што за јавноста ги посочи трите негови основни цели – ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност и поддршка на владините политики.

    Професор е на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а фокусот на неговите предавања и истражувања се макроекономијата, меѓународните финансии, транзицијата на економиите од социјализам кон пазарен систем, и економските политики во земјите во развој.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично