Иако скопската чешма и понатаму е најполна во државата кога станува збор за приходи, сепак ЈП Водовод и канализација – Скопје се соочува со сериозни финансиски проблеми. Според податоците на Бизнис Мрежа, претпријатието, кое традиционално важи за гигант во водоводниот сектор, 2024 година ја заврши со приходи од 27,3 милиони евра – најмногу во Македонија, но тоа е сепак пад од 4,18 проценти во однос на претходната година.
Наместо добивка, претпријатието забележа рекордни загуби од 256 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра – а досегашните минуси ретко надминувале два милиони евра. Последната прикажана добивка датира од 2020 година и изнесувала милион евра.
КОЈ ПЛИВА ВО ДОБИВКА, А КОЈ ТОНЕ ВО ЗАГУБИ во водоводниот сектор
Водовод и канализација останува најголем работодавач во секторот со 1.084 вработени, иако тоа е пад од 4,16 проценти споредено со 2023 година. Финансискиот извештај на претпријатието покажува дека најголемиот дел од трошоците отпаѓа токму на платите – тие учествуваат со речиси половина од приходите и над 40 проценти од вкупните трошоци. Во 2024 година за нето плати биле издвоени 490 милиони денари, вклучувајќи ја и 13-тата бонус плата, додека за редовно работење биле исплатени 405 милиони денари. Просечната месечна нето плата во претпријатието изнесувала околу 31.660 денари, што е раст од 5,5 проценти во однос на претходната година.
Вкупните трошоци на најголемото градско претпријатие скокнале на 1,9 милијарди денари, односно 31,4 милиони евра – што е зголемување од 10,5 проценти за една година. Освен домаќинствата, од работењето на Водовод и канализација зависат и приходите на другите градски јавни претпријатија како „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.
К.М.