ПОВЕЌЕ

    „СКОПСКИ ПАЗАР“ МУ ДИШЕ ВО ВРАТ НА ТАНЕВСКИ – Ќе купува ли Етеми уште акции од „Македонијатурист“?

    Време зa читање: 3 минути

    Во сопственичката структура на „Македонијатурист“, „Скопски пазар“ застана позади Доне Таневски. Веста дека фирмата на бизнисменот Фатмир Етеми обезбедила 9,9 отсто од акциите не претставува изненадување, со оглед на бројните купопродажни активности и блок-трансакции со акциите на хотелско-угостителската компанија. И, по сите неофицијални кажувања за тоа кој чиј играч е во битката за повеќе проценти.

    „Идејата е само да вложувам. Ќе вложувам и понатаму. Иако првичната идеја беше да донесам нови брендови, светски брендови, со кои преговаравме. Но, не купив доволно акции“, е кусиот одговор што Фатмир Етеми го даде на прашањето од Пари – дали има амбиции суштински да навлезе во хотелиерскиот бизнис.

    Што ќе се случува понатаму, не е извесно, но еве како досега се „играше“ околу „Македонијатурист“.

    За „Изо стоне“ се знаеше на која страна е, кога одненадеж се појави во сопственичката структура на „Македонијатурист“, купувајќи 29.942 акции кои обезбедуваат 6,62 проценти. Градежната компанија од Тетово која лани имала профит од 886 илјади евра и приходи од 2,4 милиони евра, набрзо крена раце од хотелиерството и ја продаде целата количина акции. Кои, пак, завршија кај компанијата со главна дејност изнајмување и управување со недвижен имот, „Скопски пазар“.

    Веројатно купопродажната трансакција била поттикната од, исто така, ненадејниот порив на „М.Г.Фешн“ ДОО Увоз-извоз од Скопје да стане голем акционер во „Македонијатурист“. Друштвото за трговија, производство и услуги, кое 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, се стекна со 34.795 акции или 7,69 проценти.

    Претходно, на крајот од октомври, најдоверливиот соработник на Таневски уште од времето на Југославија, Соња Бибановска, ги продаде сите обични акции, 50.953 на број, кои значат 11,27 отсто од сите акции издадени од „Македонијатурист“. Дел од претпоставките тогаш беа дека тој потег е „нож во грбот“ на Доне, а дел – во полза на Доне. Пакетот беше продаден по цена од 11.070 денари за акција, а продавачот на своето конто доби 9,2 милиони евра.

    За оваа промена компанијата даде официјално известување на четврти ноември, а паралелно со тоа беше објавено дека акционерот Симеон Павлов поседува 37.053, односно 8,19 проценти од вкупниот број обични акции.

    Инаку, меѓу поголемите акционери е и Сава пензиско друштво со 8,8 проценти.

    Кога ќе се погледне берзанскиот преглед за блок-трансакции, пак, најзабележлива е шифрата MTUR. Од први септември досега, имало 40 блокови. Најмногу во октомври – 22. Надежен е и ноември, засега се евидентирани 11 вакви трансакции. Цената на акцијата се движела од 7.500 денари (на четврти септември), преку 9.500 денари во одделни блокови во октомври, до 9.795 денари на 12 ноември. Исклучок е цената што ја добила Бибановска – 11.070 денари.

    Што се однесува до хотелско-угостителската компанија околу која на берзата се кршат копја, по одработените девет месеци годинава има чиста добивка од 2,6 милиони евра и е над остварените нецели 1,2 милиони евра во истиот период лани. Инвестира и во хартии од вредност, има удели во разни фондови, а од јануари до септември се вложени 20,5 илјади евра. Всушност, тоа било и дел од стратегијата на Таневски во зацврстувањето на позициите на „Македонијатурист“.

    Во овие неколку месеци настанаа значителни промени во сопственичката структура. И покрај тоа, човекот кој своевремено од „Форбс“ беше рангиран меѓу петмината најбогати Македонци, со своите 23,4 проценти од акциите го држи првото место меѓу големите акционери на „Македонијатурист“. Барем засега.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично