Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ „Енергетика“.
За деловните корисници и училиштата поевтинува за 17,3 отсто кај ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски, истакна дека цените на природниот гас на пазарот се намалени и стабилизирани и смета дека нема потреба државата и понатаму да субвенционира дел од сумата пресметана во фактурите на граѓаните.
Тој додаде дека од новите пресметки на цената за испорака на топлинска енергија не биле задоволни трите компании на ЕСМ, како и ЕСМ Енергетика, а дел од нив најавиле дека одлуките на Регулаторна ќе ги обжалат на Управен суд.
Во Скопје на системот за парно греење се приклучени над 60.000 домаќинства, 90% од скопјани добиваат парно од државната ЕСМ која обеднува три фирми ќерки со снабдување, производство и дистрибуција на топлинска енергија, исто така тука е топланата Скопје Север и Енергетика.
Еден од предизвиците за системот на централно греење во Скопје останува поставувањето на новата топловодна цевка на мостот „Беласица“.
Бислимоски апелираше да се заврши реконструкцијата на цевкодот на мостот „Беласица“ и да не се остави на случјноста, со цел да бидеме подготвени за претстојната грејна сезона.
Во моментов како алтернатива се користи цевковод на железничкиот мост, но тоа е со намален капацитет. Па доколку дојде до зима во која ќе имаме денови со многу ниски температури под нулата можно е скопјани да останат со млаки радијатори.