ПОВЕЌЕ

    Школуваните бегаат од државата – По одливот на мозоци Македонија на високото  петто место

    Време зa читање: 7 минути

    По 2.500 восокообразовани лица, во просек, секоја година, почнувајќи од 2013 и заклучно со 2021, ја напуштаат државата, која претходно инвестирала во нив. Па, поради тоа се соочува со штета која на годишно ниво се мери со вкупно 8,34 проценти од БДП.

    Државата се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, според извештајот на ИОМ за 2020 година, додека проценките на Светската банка покажуваат дека речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено Македонија. А, пак, гледано според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy , земјава е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

    Ова е констатацијата на Државниот завод за ревизија, кој спроведе ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри”. Со цел да се даде одговор на прашањето – „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?”

    „Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата“, забележале државните ревизори.

    Последниве неколку децении меѓународните миграции во светски рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од било кога. Тенденцијата за пораст на емиграцијата на високостручни кадри, како и научен подмладок од одделни факултети, имплицира промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал, а со тоа и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност.

    Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице. Освен тоа, се посочува во ревизорскиот изештај, статистичките податоци за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека од 2015 до 2022 година од земјава емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.

    „Според добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост“.

    Притоа, нагласуваат ревизорите, државата нема стратешки документ со кој би ја надминала ваквата неповолна состојба.

    „Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри.

    Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите“.

    Исто така, во извештајот се укажува дека Националната стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во кој директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци”. Оваа стратегија не е објавена во Службен весник и на веб-страницата на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

    „Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија се утврди низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба се должи на недоволна координација меѓy институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

    Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Северна Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“, наведено е во извештајот.

    Воедно, ревизорите забележуваат дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кон студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање.

    „Од друга страна МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

    Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата“.

    Нефункционалноста на веб порталите nauka.mk и patent.mk оневозможува да се користат како средство за обезбедување информации за резултатите од научно истражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).

    „Во текот на ревизијата беше ангажиран експерт кој изврши студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра“.

    Во ревизорскиот извештај се нагласува дека одливот на високообразовани кадри има сериозен ефект врз бруто домашниот производ, со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15% од БДП на годишно ниво.

    „Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19% од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34% од БДП на годишно ниво“.

    Ова истражување посочува на сериозни предизвици со кои се соочува државата за задржување на својата високо образована работна сила и заштита на економските интереси на земјата.

    Препораките дадени во овој извештај се однесуваат на активностите кои МОН и Владата треба да ги преземат со цел отстранување на причините од утврдените неправилности, утврдени состојби или потенцијални ризици прикажани во извештајот

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично